Претседателот на САД Доналд Трамп бара каков било меѓународен успех кој би го свртел вниманието од неговиот импичмент и судењето во Сенатот, изјави професорот на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон и експерт за Балканот, Даниел Сервер.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Сервер оцени дека не е реално дијалогот меѓу Белград и Приштина да продолжи пред формирањето на косовската влада и оцени дека може уште повеќе да се одложи поради предизборната кампања и изборите на пролет во Србија.

Сервер верува дека и Приштина и Белград мора истовремено да повлечат чекори и да ги укинат таксите и да ја прекинат кампањата за повлекување на признавањето на Косово.

На прашањето дали размената на територии е сè уште на маса, Сервер кажа дека станува збор за „зомби идеја“ која талка низ светот, барајќи некој да ја оживее.

– Не би ме изненадило да пронајде некого, но не мислам дека тоа е добро или изводливо. Главната бариера е фундаментално дипломатска, а тоа е реципроцитетот. Што и да добие Србија на север, ќе мора да биде еквивалентно на југ, а истото важи и за Косово. Мислам дека никој не е подготвен за тоа, изјави Сервер.

Тој истакна дека смета оти договорот меѓу Белград и Приштина е можен и дека ќе мора да подразбира Србија во некоја форма ја прифати косовската независност и територијалниот суверенитет, како и размената на дипломатски претставници на ниво на амбасадори.

– Ќе бидат потребни јасни одредби во врска со заштитата на малцинствата и српското културно и верско наследство на Косово, како и еднаква заштита на малцинствата, вклучително и на албанското во Србија, посочи Сервер.