Северна Кореја бара укинување на меѓународните санкции со кои се забранува извоз на метали и увоз на нафтени деривати и други суровини во оваа земја, со цел да се покренат преговорите за денуклеаризација со САД.
Пјонгјанг, исто така, повика на ублажување на санкциите за увоз на луксузни производи, за да можат алкохолни пијалоци и облека да влезат во земјата, потврдија јужнокорејските пратеници откако беа информирани од Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја.
Севернокорејските државни медиуми не спомнаа ново барање за укинување на санкциите за повторно започнување на преговорите.
Исто така, беше објавено дека на Северна Кореја и требаат околу милион тони ориз, бидејќи нејзината економија беше погодена од пандемијата на коронавирусот и природните катастрофи минатата година.
Официјални претставници на Сеул потврдија дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин, во телефонски разговор, првпат по долго време, изразиле подготвеност да ја вратат довербата и да ги подобрат врските, а Ким побарал редовна телефонска комуникација, што Пјонгјанг ја прекина пред една година.
Централната банка на Јужна Кореја минатата недела соопшти дека економијата на Северна Кореја во 2020 година претрпела најголем пад во последните 23 години, бидејќи била погодена од санкциите на ОН, затворањето поради пандемијата и лошите временски услови.