Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун се сретна со кинескиот премиер Ли Чијанг и поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев на маргините на прославата на 80-годишнината од владејачката Комунистичка партија, јавија денеска севернокорејските државни медиуми.
Тој ги поздрави напорите на Пекинг за одржување на „пријателски и односи на соработка“ меѓу двете земји, пренесе КЦНА.
Кина е најблискиот сојузник на Северна Кореја, и покрај тензиите меѓу двете земји поради нуклеарната програма на Пјонгјанг.
Ли Чијанг нагласил дека „одржувањето, зајакнувањето и развивањето на традиционалните пријателски и односи на соработка е непоколеблива политика на Кина“, јави кинеската агенција Синхуа.
Северна Кореја вчера организираше свеченост на стадионот „Први мај“ во Пјонгјанг по повод 80-годишнината од Комунистичката партија.
Ким Џонг Ун одржа говор на кој присуствуваа заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитриј Медведев и лидерот на Комунистичката партија на Виетнам То Лам.
Во заедничкото соопштение на Москва и Пјонгјанг, кое вчера го објави новинската агенција КЦНА, руската владејачка партија соопшти дека „изразила целосна поддршка за мерките што ги презеде“ Северна Кореја „со цел зајакнување на одбранбените капацитети на земјата“.
Двете земји ги зацврстија своите врски од почетокот на војната во Украина, каде што Пјонгјанг испрати илјадници војници да се борат заедно со руските сили.