Северна Кореја соопшти дека постигнала дополнителен напредок во развојот на ракети со долг дострел со хиперсонични боеви глави, пренесе ДПА.
Земјата вчера успешно тестирала ракета со среден дострел со нов погон на цврсто гориво, соопштија денеска државните медиуми. Проектилот носел маневрирачка хиперсонична боева глава. Не се објавени други детали за растојанието на летот.
Јужна Кореја и Јапонија го регистрирале пробното лансирање. Војската на Јужна Кореја соопшти за сомнителна ракета со среден дострел. Таа прелетала околу 1.000 километри пред да падне во водата во Јапонското Море, кое Кореја го нарекува Источно Море.
Јужна Кореја го осуди тестирањето како јасно кршење на резолуциите на ОН кои и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел. Таквите проектили можат да бидат опремени со нуклеарна боева глава.
Според севернокорејските извештаи, тестирањето било со цел да го демонстрира маневрирањето на хиперсонична боева глава и сигурноста на ново развиените ракетни мотори со цврсто гориво.
Тестирањето беше дел од „редовните активности за развој на оружени системи со високи перформанси“, соопштија властите.
Фото: ДПА