Официјален Пјонгјанг денеска ги предупреди САД дека ќе се „соочат со тешка ситуација“ бидејќи американскиот претседател Џо Бајден „направил голема грешка“ кога во текот на неодамнешниот одржан говор ја нарекол Северна Кореја безбедносна закана и најавил поостра политика кон таа земја.

Во своето обраќање пред Конгресот, Бајден минатата недела оцени дека Северна Кореја и иранската нуклеарна програма претставуваат „сериозни закани за безбедноста на Америка и светот“, најавувајќи дека во соработка со сојузниците ќе го решаваат ова прашање со остра дипломатија.

– Неговата изјава јасно ја покажува намерата за продолжување водење непријателска политика кон Северна Кореја, како што го правеле тоа САД повеќе од половина век. Нема сомнеж дека американскиот претседател прави голема грешка, оцени висок претставник на севернокорејското Министерство за надворешни работи, Квон Џонг Гун.

Тој не наведе точно какви чекори ќе преземе официјален Пјонгјанг, но неговата изјава може да се смета и како обид да се направи притисок врз администрацијата на Бајден и влијание врз креирањето политика кон Северна Кореја.

Од Белата куќа е најавено дека Бајден планира поинаква политиката кон Северна Кореја од онаа што ја воделе двајцата негови претходници и ќе настојува да ја прекине нуклеарната програма на Пјонгјанг.