За секој Македонец Александар Македонски е национална гордост, пишува македонскиот преродбеник Коста Шахов во статија објавена во 1888 година.
Тоа е уште едно сведоштво дека тн. „антиквизација на Македонија“ е уште една клевета од тн. интелектуалци пред и по тн. шарена револуција, кои и за тоа го обвинуваа „режимот на Груевски“. И како награда добија амбасадорски места во Њујорк и други метрополи низ Европа и светов. А со Договорот со Грција, актуелната власт, се откажа од македонската античка историја во полза на Грција.
Во продолжение целиот текст објавен на Фејсбук страницата која обработува теми и документи од историјата на Македонија и изворите од каде што ги црпи:
Преродбеникот Коста Шахов во 1888 година напишал статија којашто јасно сведочи за македонската етничка и национална свест кај Македонците – дека Македонија е „наша татковина“, која била „велика држава“ и „лулка на цивилизацијата“.
Александар Македонски, според Шахов, за секој Македонец е национална гордост. Таа гордост, односно таа свест, пишува Шахов, во поново време има конкретна интелектуална важност во борбата на Македонците за остварување на самостојноста.
„Несомнено и нашата татковина Македонија има историја за своето минато, каде што се гледа нејзината моќ, величина, како и нејзиното политичко потчинување под власта на тогаш моќната Турска империја… Денес, секој Македонец, кога го спомнува Александар Македонски, вели: Ние сме го имале цар Александар Велики. Со тие зборови тој си припомнува за блескавиот период и величието на Македонската Држава. Александар Македонски стои пред лицето на секој Македонец како национална гордост”.
Коста Шахов (1862 – 1917), инаку родум охриѓанец, бил заслужен за создавањето на Македонското студентско друштво (МСД) во Софија, чии позначајни членови биле Даме Груев, Петар Поп Арсов и други. Целта на МСД било ослободувањето на Македонија и борбата против пропагандите за асимилација на Македонците.
Шахов е меѓу основачите и на Младата македонска книжевна дружина (ММКД, 1892), познати како „Лозари“. Тој соработувал со списанието „Лоза“ коешто ММКД почнала да го издава (бугарските власти го забраниле по 4 броја, поради противдржавна дејност и против-бугарски сепаратизам), како и со голем број други гласила кои пишувале за македонската национална тематика.
Според „Спомените“ на Иван Хаџиниколов, Шахов е човекот кој во 1894. го предложил Гоце Делчев во новоформираната Македонска револуционерна организација – МРО, подоцна ТМОРО – ВМОРО – ВМРО.
ИЗВОР: „Македония” бр. 4, Русе, 11. ноември 1888 година, стр. 1. —/
(Подготви: Д.Г.)