Преку Младинската гаранција и другите младински политики ја намаливме невработеноста кај младите од 43,2 на 28,3 проценти, соопшти денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во обраќањето на 7. Форум за поврзување, што се одржува во Тирана под мотото „Заедно градиме подобар Балкан“.
На панелот „Што има за младите во Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан“, Шахпаска се осврна на искуствата што Македонија ги има во дизајнирањето и имплементирањето на политиките насочени кон подобра интеграција на младите на пазарот на труд.
– Од почетокот на 2018 година, кога го започнавме проектот „Младинска гаранција“ се до денес, во оваа програма успеавме да вклучиме 66.000 млади лица. Од нив, 20.750 беа вработени во период од четири месеци по регистрацијата, додека 3.350 беа вклучени во активните мерки за вработување. Овие бројки покажуваат навистина успешна реализација на „Младинската гаранција“. Од друга страна, бележиме значајно зголемување на младинската вработеност, додека младинската невработеност од 43,2 проценти во 2015 година се намали на 28,3 проценти во вториот квартал на 2021 година. Овие бројки покажуваат дека политиките на Владата на РС Македонија, кои се однесуваат на младите даваат резултати, рече Шахпаска.
Таа ја нагласи потребата од интензивирање на регионалната соработка во справувањето со предизвиците со кои се соочуваат младите во сите земји во регионот, особено во делот на вработеноста, вклученоста и одржливата интеграција на пазарот на трудот, градењето на соодветни вештини и искуство.
Учесниците на панел дискусијата, како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, побарале од министерката Шахпаска да сподели дел од научените лекции и совети, што земјава ги стекнала при имплементирањето на „Младинската гаранција“. Предуслов за успешна Младинска гаранција, како што истакнала Шахпаска, е младите да добијат навремени и точни информации за Младинската гаранција, за можностите што оваа програма ги нуди, како и за придобивките што може да ги имаат од вклучувањето во оваа програма.
– Од клучно значење е да бидат вклучени и консултирани младинските организации од самиот почеток, од моментот на креирање на програмата. Вклучувањето на младинските организации и партнерскиот пристап, работата на терен се важни за да се опфатат што е можно повеќе млади лица, истакна Шахпаска.
На панел дискусијата присуствуваа претставници на младински организации од Албанија и од Босна и Херцеговина, како и од РИКО – Регионална младинска организација за соработка кои ја истакнаа потребата од имплементирање на младинската гаранција во сите земји од регионот, но и потребата младите да бидат вклучени во креирањето на политиките, особено на оние кои се однесуваат на нивната иднина.
Годинашниот форум во Тирана е дел од официјалниот календар на настани во рамки на словенечкото Претседателство со Европската унија.