Министерката за труд и социјална политика во денешното интервју за „Утрински брифинг“ оцени дека со новото законско решение, кое предвидува недела да биде ден за неделен одмор, се унапредуваат работничките права, што е предуслов за мотивиран работник.
-Се радувам што Собранието, после една година транспарентна дебата со сите засегнати учесници во нашето општество, синдикатите, претставниците на работодавачите, стопанските комори и други партнери на социјалниот дијалог, го донесе Законот за работните односи, кој предвидува недела да биде ден за неделен одмор. Овој Закон предвидува 92 проценти од работниците во недела да не работат, рече Шахпаска.
Таа појсни дека ќе работат само оние дејности кои се неопходни за нормално функционирање на државата, како што се вработените во електро-дистрибутивниот сектор, здравствениот сектор, комуналните дејности.
-Работниците кои ќе работат во недела ќе добиваат додаток на плата од 50 до 100 проценти повеќе за секој изминат час. Работниците се нашиот најголем човечки капитал, унапредувањето на нивните права е приоритет за Владата и Министерството за труд и социјална политика, нагласи министерката Шахпаска.Таа додаде дека при подготовката на законското решение се користени позитивни искуства и од земјите во соседството и од други европски држави.
Шахпаска на почетокот од годинава, во јануари, во гостување во ТВ 24 изјави:
-Кравите мора да се молзат во недела, за да има млеко во понеделникот, изјави Шахпаска во нејзиното гостување во ТВ 24, коментирајќи ги заложбите недела да биде неработен ден за сите.
-Сакам да ги демантирам Сојузот на синдикатите, дека не се вклучени во работата, бидејќи имам дописи во кои тие го откажуваат своето присуство во дебатите. Работиме на законските решенија за недела – неработен ден. Направивме две драфт верзии на законот, и дојдовме до заклучоци споредбено со земјите каде веќе недела е неработен ден. Мораат да се молзат кравите во недела, за да има млеко од понеделник. Јасно е дека треба да има надомест за работа во недела, но постојано се јавуваат дејности кои се засегнати од оваа дебата. Треба да го дефнириаме сето ова, со оглед на тоа дека треба да има ослободени од работа во недела, но има и неопходни дејности кои мораат да работат и во недела. Но, морам да напоменам дека не сакаме ова законско решение да има своја имплементација во услови на Ковид пандемија, рече Шахпаска во емисијата ТВ 24 Анализа, емитувана на почетокот од годинава.