Убедливи лидерии со плати во јавниот сектор во Македонија се Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), М-НАВ и Агенцијата за електронски комуникации, а нов „бисер“ со платите доаѓа токму од АЦВ, која претставува воздухопловна власт во земјава.
Како што објави економскиот портал Фактор, во АЦВ ќе се вработи правник кој ќе зема плата од 63.000 денари, но и лице со завршено Архитектонски или Градежен факултет, кој ќе добива 11.000 денари пониска плата или околу 52.000 денари.
На веб страницата на Агенцијата за администрација е објавен оглас во кој АЦВ бара советник за управување со човечки ресурси, за Секторот за административни и општи работи, кој треба да има завршено Факултет од областа на правните науки. Услов што се бара за него е да има три години работно искуство, да знае англиски и компјутерски програми за канцелариско работење.
Неговатата плата ќе биде 63.200 денари во нето износ, а по националност треба да биде Турчин.
Вториот кадар што се бара е помлад соработник за аеродромска инфраструктура, кој треба да има завршено или Архитектонски или Градежен факултет. Работно искуство може да има, но и не мора. За него се бара и да има поминато основен курс за опасни материи во воздухопловството за оператори и агенти. Платата ќе му биде 52.440 денари, а по националност се бара да биде Македонец.
Како што е познато, директор на АЦВ М-НАВ е Томислав Тунтев, поранешен пратеник и кадар на СДСМ.
Претходно и во АЕК имаа интересни огласи за вработување со исто така високи плати за македонски услови. И за лица со средно образование, се нудеше плата од 47.000 денари.
Неодамна и од Владата најавија дека ќе има изедначување на платите кај државните органи, но досега тоа е само најава.
Извор: Фактор