Трајан Димковски, шеф на Кабинетот на министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, апелира земјоделците да не шират дезинформации околу откупната цена на пченицата. Сумата што ја посочуваат од седум до 8,5 денари, рече денеска Димковски се однесува на пченица за сточна храна, а не на онаа квалитетната, за лебно зрно.

Според Димковски, кој денеска одговораше на новинарски прашања, во Макеоднија има млинови што ја откупуваат пченицата и за 11 денари, но се работи за род со висок квалитет. Ваква цена не може да постигнат земјоделци со по пет хектари жито, туку големите со 300 – 500 хектари.

– Да не си играме и да не манипулираме со цената на пченицата. Идејата е да добиеме квалитетен производ, а не веднаш да зборуваме за ниски цени за да се добијат дополнителни два денара поддршка, нагласи Димковски.

На квалитетно зрно, дополни, отпаѓаат нешто под десет отсто од вкупниот годинашен принос.