Американска донација од 1.269 автоматски пушки М-4, во вредност од 1,2 милион американски долари, денеска и беше предадена на нашата Армија, за поддршка на развојот на лесната пешадиска баталјонска група.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која ја прими донацијата од амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз во касарната во Ѓорче Петров, истакна дека станува збор за дел од поголем проект што го финансира владата на САД која ја помага модернизација и опремувањето на нашите армиски сили.

-Со овој дел опрема, обезбедуваме над 1200 М-4 автоматски пушки, со калибар 5.56, кој е стандард на земјите членки на НАТО и ја продолжува нашата конверзија од стариот во новиот стандард. Со оваа опрема дополнително, освен специјалните сили, коишто и досега добија пушки од овој тип, ќе обезбеди целосно опремување на нашата лесна пешадија, која не е само македонска единица, туку е веќе и НАТО-единица и која ја подготвуваме за првото НАТО-оценување во 2022 година, рече Шекеринска, посочувајќи дека ова е дел од опремата што ја добиваме, а вкупниот број на вакви автоматски пушки е над две илјади, дополнително со обзбедена заштитна опрема за војниците.

Нагласи дека оваа донација покажува колку е широка и сериозна одбранбената соработка помеѓу Соединетите Американски Држави и Македонија, посочувајќи дека во период од само една недела, заедно биле присутни на заедничките инвестиции во армискиот полигон Криволак, а оваа недела е потпишан и новиот Меморандум за разбирање во делот на одбранбената соработка.

Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз изјави дека со оваа донација се докажува ширината на американската соработка и дека САД ќе продолжат да бидат стратешки партнер во активностите за модернизирање на македонската Армија.

– Ова е уште еден пример како работиме заедно за да бидеме сигурни дека нашите сили кога заедно ќе се борат и кога заедно ќе обучуваат ќе бидат интероперативни, а овие пушки ќе ја зајакнат интероперативноста не само со САД, туку и со другите сили на НАТО. Ова ќе биде многу важно и многу влијателно за понатамошните активности. Ова е уште еден доказ на нашата долготрајна одбранбена соработка што беше уште повеќе зајакната со поштпишувањето на Меморандумот за разбирање минатата недела, но ова е и доказ за обврската на вашата земја за модернизирање на македонската армија. Ова е заложба вашата Армија да биде не само подготвена и активна, како најнова сојузничка во НАТО, туку да биде и добро позиционирана да придонесува заедно со нашите сили, рече Брнз.

Целиот проект треба да заврши до 2022 и, како што рече министерката Шекеринска, тој опфаќа дополнителна воена опрема, како пушкомитралези, фрлачи на гранати, како и придружни и заштитни елементи корисни за војниците и старешините. Рече и дека голем дел од оружјето веќе подолго време транзитира според НАТО-стандардите и е од западно производство, конверзијата на калибарот во нов стандард, рече, носи и конверзија во делот на вооружувањето.

-И овие средства кои ги користиме, но и дополнителни средства кои сме ги користеле, биле дел од еден поголем пакет на префрлување на платформи кои ќе ни бидат заеднички, зашто кога одите заедно да вежбате и заедно да учествувате во операции, клучно е да бидете слични, додаде министерката за одбрана.

Шекеринска изјави и дека не се чека само на донации за армијата, посочувајќи дека годинава првпат е обезбедено  зголемување на одбранбениот буџет и на процентот за опремување и модернизација.

-Првпат како држава го исполнуваме вториот дел од нашите НАТО обврски за над 20 проценти – годинава обезбедивме 25 проценти, да оди кон модернизација  и опремување. Ова покажува колку значи сојузништвото – ние како сојузник презедовме обврски и ги исполнуваме, веќе ја почнавме модернизација и со големите проекти, како што се лесните оклопни возила, кои доаѓаат токму од САД. Постојано сме сведоци од поддшката, и финансиска и во опрема, од страна на САД, рече Шекеринска, заблагодарувајќи се на Амбасадата на САД и на нивната Канцеларија за одбранбена соработка.