Бугарското вето и наштети на С. Македонија, на кредибилитетот на ЕУ, но и на стратешката позиција на Бугарија во регионот. Како Влада покажавме дека знаеме да правиме компромиси таму каде што треба, ама за прашања за кои треба, знаеме да кажеме и не, изјави министерката Радмила Шекеринска во интервју за Утрински брифинг.
Таа нагласи дека бугарското вето само ги засилува сите оние кои што работеле на лоши односи помеѓу Македонија и Бугарија, и наместо да ги подобруваме односите, да ги збогатуваме со економија, со образование со култура, сега е многу лесно да се градат ѕидови. Оваа стратешка грешка, како што рече, ние не смееме да ја направиме, а се надевам дека и Бугарија нема да ја направи.
На прашањето дали во оваа ситуација може да се заборави и да се „бугаризира“ европската агенда во земјава, поради разочарувањето на граѓаните, Шекеринска рече дека внатрешните реформи нема да запрат.
– Ние имаме обврска да имаме и добри односи со соседите, но имаме пред се обврска да си ги тераме домашните работи со силно темпо и не мислам дека ќе дозволиме, како велите, вие да се „бугаризира“ внатрешната реформа или европската реформа во државата. Она што мислам дека е важно е дека во моментов неподелен е ставот во Европската Унија дека ветото им штети на сите и дека треба да се надмине, и тоа да се надмине не следната година туку по можност до крајот на годинава и германското претседателство тука реално помага, истакна министерката.
Таа потенцираше дека во оваа тешка ситуација Владата го нема луксузот да се жали, туку мора да го решава проблемот.
– Најлесно e сега да дигнеме раце, да влеземе во нова кавга и да замрзнеме уште еден спор. Наша задача е сега да си го работиме нашето дома и тоа со позасилено темпо и наша задача ќе биде да покажеме дека знаеме што сакаме. Ние немаме комплекс. Тоа што сме Македонци и што говориме македонски јазик, тоа никој не може да ни го одземе и тоа покажавме дека знаеме да го зачуваме. Ама, за многу теми треба да најдеме начин како ќе ги решаваме, порача Шекеринска.
Таа наведе дека Бугарија го чувствува притисокот и одговорноста и од сигналите кои доаѓаат од бугарски експерти кои согледуваат дека Бугарија прави стратешка грешка и, како што велат, „од пасивно конструктивна се претвора во пасивно агресивна земја“. Но, предупредува Шекеринска, ние не треба да спиеме на увото дека во моментот никој не ја разбира Бугарија, ги имаме симпатиите и не треба да преземаме ништо.
– Тоа нам ни случи и со грчкото вето. Тоа не е доволно. Значи, ние во моментов ја имаме поддршка за нашите ставови, но ние мораме да седнеме и да наоѓаме решение, истакна министерката.
Шекеринска вели дека проблемот е решлив доколку има политичка волја во Скопје и Софија да се реши.
– Проблемот треба да го решиме до декември, а не да го оставаме на некоја следна влада, следна генерација или следна година. Еднаш, ветото мислевме дека ќе се реши за три месеци – се сеќавате на изјавите во 2008, но поминаа десет години и таа грешка скапо го чинеше цел регион. Гласовите кои што доаѓаат од цел регион овие денови, се дека со блокирање на нашите преговори практично се испраќа многу лоша и многу опасна порака и до популистите и до граѓански ориентираните луѓе на Балканот. Затоа, одговорноста на сите, особено нашата и на Бугарија, е да најдеме решение не следната година, туку до декември, вели Шекеринска.