Армискиот полигон Криволак ќе биде со четири влеза и излези. Интензивно се пробива патот во близина на селото Драгоево до Криволак. Првата фаза е целосно и успешно реализирана, соопшти министерката за одбрана Радмила Шекеринска при увидот на делницата која ќе биде од север.
-Армискиот полигон Криволак ќе биде местото каде што НАТО уште подобро ќе го запознае својот нов сојузник. Со овој армиски полигон и со инвеститциите, кои ги правиме сега во него, ние додаваме дополнителен ресурс во колективната одбрана и безбедност на Алијансата. Уште пред шест месеци почнавме со инвестиции, затоа што знаевме дека Криволак ќе биде нашата лична карта во НАТО, рече Шекеринска.
Посочи дека армиските инженери иако се во релативно мал број, сепак за многу кратко време успеале да пробијат 33 километри пат, кој поминува низ многу тежок терен.
-Дополнително и да реконструираат и обноват уште 15 километри, со тоа ја постигнавме првата наша стратешка цел , а тоа е полигонот Криволак да го отвориме кон север и да го поврзиме со стрелиштето Пенуш и Штип, за да можеме од две страни да пристапуваме кон полигонот и за да го ослободиме притисокот, којшто досега постоеше исклучиво преку Неготино, односно преку селото Криволак. Сега имаме два влеза коишто целосно можат да се користат и притоа на мапата развиена инфраструктура, којашто ги поврзува различните делови и различните полигони на Криволак, рече Шекеринска.
Министерката за одбрана истакна дека средствата кои се вложуваат во патната инфраструктура кон полигонот Криволак се десет пати помалку во споредба доколку користеле надворешни фирми.
-Значи со сопствена опрема, со сопствени ресурси, со сопствена механизација успеавме и работиме на проект, којшто најверојатно ќе чинеше околу 10 милиони евра, според проценките. Со тоа покажуваме дека вложуваме заеднички во овој ресурс и јас сум убедена дека во многу кусо време ќе се види уште поголем интерес и кај нашите сојузници заедно да вежбаме, заедно да ги развиваме способностите, па дури и заедно да вложуваме во развојот на капацитетите, рече Шекеринска.
Во однос на значењето на инфраструктурните зафати на полигонот за Алијансата, министерката посочи дека со оваа инвестиција и обновената инфраструктура, следната година, кога ќе се организира уште една голема вежба во соработка со Армијата на САД и неколку други армии во соседството, како што рече „ќе имаме шанса да им покажеме колку сме го подобриле овој полигон за само една година и тоа ќе го зголеми интересот за заедничка работа на Криволак.
Шекеринска најави финансиска поддршка од американската армија за еден дел од проектот и дека во првата половина од следната година се очекува американски инженери да им се приклучат на нашите во активностите за инфраструктурен развој на полигонот Криволак.