Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска посетија еден од шелтер-центрите во кои се засолнети жртви на семејно насилство.

Целта, како што е речено, е да им се даде безрезервна поддршка и заштита на жените кои преживеале насилство од своите партнери, но и уверување дека државата ги презема сите потребни чекори за борба против насилството врз жените.

Министерката Шекеринска во шелтер-центарот разговараше со припадничка на АРМ, жртва на семејно насилство, која е сместена таму со своите деца, и го пренесе апелот да прекине молкот за овие случаи.

– Денеска сакам јас да ја испратам пораката до сите граѓани на нашата земја, но и на сите вработени во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија: семејното насилство не им се случува само на други. Тоа е околу нас, ги допира луѓето со кои соработуваме, со кои живееме, со кои се дружиме и не смееме да останеме неми. За жал, многу често вклучително и во ситуацијата која денеска ја дискутираме, се случува жртвите на семејното насилство да бидат оставени сами на себе и да гледаат како нивните соработници, нивните колеги, нивните комшии, ги одминуваат и не се обидуваат дури ни да им помогнат. Тоа мора да го промениме. Семејното насилство се храни не само од силата на насилникот, не само од стравот на жртвите, туку и од нашиот молк. Ако продолжиме да молчиме, тоа ќе стане само посилно, рече министерката Шекеринска.

Таа рече дека Министерството за одбрана и Владата ќе направат сè државата систематски и институционално да им помогне на жртвите на семејно насилство. Во Министерството за одбрана и во Армијата, рече, ќе бидат формирани тимови и ќе бидат отворени телефонски линии за пријавување на семејното насилство.