Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска учествуваше на редовниот годишен видеосостанок со одбранбените аташеи акредитирани во нашата земја. На состанокот министерката Шекеринска се осврна на изминатата година и на достигнувањата во одбраната и во Армијата.
-Иако 2020 беше година на коронавирусот за нас и нашата земја беше и година на НАТО. Остваривме повеќедецениска заложба да влеземе во Алијансата и ми причинува големо задоволство што држиме прв состанок со аташеата како 30. членка на НАТО, рече министерката.
Шекеринска, како што соопшти Министерството за одбрана, истакна дека членството во НАТО на нашата земја значи инвестиција во иднината и во безбедноста на граѓаните и чест за Армијата.
-Нашата Армија веќе не е само Армија на С. Македонија туку е и НАТО Армија. Со влезот во НАТО ги прифативме и стандардите и критериумите за Армијата и за растот на буџетот во одбраната со што овозможивме изминатата 2020 да биде и година на опремување и модернизација на Армијата и подобрување на условите за функционирање, подвлече Шекеринска.
Осврнувајќи се на придонесот во меѓународните мисии, министерката посочи дека остануваме во мисијата во Авганистан и дека се вршат подготовки за испраќање на еден медицински тим во соработка со Кралството Норвешка кој ќе биде стациониран во Кабул од идната пролет до септември.
-Даваме придонес и во регионалната безбедност со упатувањето на 44 наши војници и офицери во мисијата КФОР на Косово. Оваа мисија планираме да ја зголемиме на 180 војници. Присутни сме и во Централно Африканската Република со двајца офицери, а продолжуваме да даваме придонес и во мисииите АЛТЕА и УНИФИЛ, истакна министерката Шекеринска.
-На состанокот, на кој учествуваше и началникот на Генралштабот на Армијата Васко Ѓурчиноски, беше извршена презентација на учеството на Армијата во справувањето со коронавирусот, нашето армиско учество на меѓународни воени вежби, достигнувањата на планот на родовите перспективи, подобрениот капацитет на воениот полигон Криволак, трансформацијата на Министерството за одбрана и можностите на нашиот Регионален центар за односи со јавноста, стои во соопштението од Министерството за одбрана.