Нашето членство во НАТО не го гледаме исклучиво како прашање на безбедност, иако и тоа е важно, туку и како шанса да и помогнеме на македонската економија и на економијата во Валандово, Гевгелија, Богданци и Дојран, нагласи вицепремиерката и министер за одбрана Радмила Шекеринска при денешната посета на Валандово.
-Тоа е шанса за нашите компании, бидејќи сите тие имаат поголеми перспективи ако се добри извозници, а можат да бидат добри извозници и да го снабдуваат домашниот пазар ако светот ги гледа како компании од безбедна и стабилна држава.Членството во НАТО нуди можност да ги претставиме и нашите компании во позитивно светло и затоа македонската берза многу позитивно реагираше минатата година. Затоа оваа година гледаме дека шест месеци по потпишување на договорот со Грција ние веќе имаме пораст во трговијата со Грција и со Бугарија, рече Шекеринска.
Дефинитивно ова е можност, нагласи таа, за создавање на повеќе и подобро платени работни места.
-Покажавме дека големите одлуки му носат добро на народот и граѓаните и дека ја отстранивме последната пречка која ја кочеше државата со години и ја добивме практично влезницата во НАТО. Очекувам во следниве две недели Македонија да си го зазаме веќе своето столче на НАТО масата и очекувам тоа веднаш да има позитивни реакции и во домашниот бизнис и во интересот на странските инвестиции, рече Шекиринска и потенцираше дека, како што беше речено во саботата, веќе четири компании донесоа одлука да инвестираат во Република Македонија откако беше ратификуван договорот и откако стана јасно дека овој процес на помирување,овој процес на градење пријатели на Балканот нема алтернатива и дека нема никој да се предомисли и да се врати назад, потенцираше Шекеринска.
На новинарско прашање дали ќе има предвремени парламентарни избори, Шекеринска рече дека оваа дискусија е почната минатиот петок и дека ќе се анализираат сите аргументи за и против.
-Факт е дека одреден дел од граѓаните па и од бизнисите велат дека секоја година не можеме да кренеме глава од избори. Од друга страна факт е дека Македонија секако ќе има претседателски избори. Ќе донесеме одлука која ќе биде добра за државата, за економијата и која ќе биде добра за луѓето. Во овој процес не се водевме од партиски ниту лични интереси, тоа нема да го правиме и сега, одговори Шекеринска.
Запрашана за претседателски кандидат, таа рече дека е потребно стопроцентно да се посветат на завршување на обврските и оти сето друго во дебатата би било одвишок.
– Оваа влада покажува дека си ги завршува обврските, во одбраната покажавме дека ги завршуваме обврските, само така ќе продолжиме напред, рече министерката за одбрана.
Шекиринска при посетата на Валандово имаше средбата со градоначалникот Перо Костадинов, ја посети општинката територијална противпожарна единица, а оствари средба и со бизнисмени од општините Валандово, Гевгелија, Богданци и од Дојран.