Лојалноста во СДСМ ја градиме кон идејата, а не кон шефовите, изјави доскорешната заменик претседателка на СДСМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

Таа во емисијата „Утрински брифинг“ по завршениот Конгрес на СДСМ ги изнесе првите коментари во кои тврди дека не постои неединство во нејзината партија, туку разни идеи и концепти.

-Тим е луѓе кои ги имаат истите вредности, понекогаш со разни идеи, но лојалноста не се мери колку пати ќе кимнете со главата, туку колку пати ќе говорите. Лојалноста ја градиме кон идејата, а не кон шефовите, рече Шекеринска.

Министерката Шекеринска демантира дека има „скопско крило“ и „бранковисти“ кои внесуваат несогласување во СДСМ.

-Од 2013 се уморив на оваа тема, зарем во Скопје немаме разлики, јас повеќе со скопските колеги дискутирам и имам повеќе разлики со нив. Мислам дека тоа не е реално, и оваа тема 2013 и 2014 беше актуелна. Бев една од обвинетите дека сум против бојкотирањето на локалните избори. И тогаш ме повикаа да помагам на локалните избори на многу места, а потоа ми рекоа дека во ниту еден момент не сум ги оставила на цедило, рече меѓу другото Шекеринска.

Таа вели дека односите во СДСМ изгледаат покомплицирано затоа што во опозициската ВМРО-ДПМНЕ тие се сведуваат на послушност кон раководството и лидерот.

-Во ВМРО е многу полесно, даваш команда и магарето ако лета – тогаш лета, рече Шекеринска.