Со САД и нивните вооружени сили заедно го планираме развојот на Криволак, истакна меѓу другото министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која заедно со амбасадорката на САД Кејт Брнз денеска го посетија армискиот полигон „Криволак“ каде беа информирани за претстојните активности за реализација на вежбата „Одлучен удар – 21“.

– Ова е одличен ден за армијата, за македонската одбрана, но ова е и одличен ден за нашето стратешко партнерство со Соединетите Американски држави. Заедно работиме на развојот на Криволак, а веќе оваа пролет ќе продолжиме заеднички и да го користиме како еден феноменален, не само локален, национален капацитет, туку пред се како НАТО капацитет, рече министерката.

Таа информираше дека уште минатата година, во подготовка на вежбата што годинава ќе се случува на Криволак, инжинерискиот батаљон на армијата на Република Македонија ги започна подготовките.

– Меѓутоа,  уште од тогаш знаевме дека во овој проект и во овој развој на Криволак ќе бидеме заедно со Соединетите Американски Држави, заедно со американските вооружени сили. Очекуваме веќе во средината на март нивниот петнаесетти инжинериски батаљон да дојде тука на Криволак и заедно со нашите инжинерци да продолжат да работат на развојот на полигонот. Ова е сојузништво на дело и ова покажува дека заедно знаеме да планираме, заедно можеме да вложиме во изградбата на Криволак, но се со клучната цел да бидеме подобри сојузници и заедно да можеме да спроведуваме и заеднички вежби, но и заеднички борбени дејствија, соопшти Шеќеринска.

Таа најави  дека доаѓањето на овој инжинериски батаљон од Соединетите Американски држави ќе биде само подготовка за вежбата, што оваа пролет ќе се случи на Криволак и на која се очекува и покрај пандемијата, над две илјади припадници на војските на Македонија, Соединетите Американски држави, Бугарија и Грција да учествуваат во една голема вежба.

– Вежба што ќе биде поуспешна и затоа што навреме инвестиравме и ние со нашиот буџет и со нашите сили, но и Соединетите Американски држави. Оваа и следната недела,  мислам дека се две недели, кои ќе покажат на кои се различни начини соработуваме со нашиот стратешки партнер. Во подготовки и во реализација и во заедничка борбена готовност, тоа зборува и за длабоките долги политички и одбранбени односи коишто ги имаме со САД. Но тоа зборува и за нашата амбиција. Не да бидеме само член на НАТО, туку да бидеме вистински сојузници коишто знаат да придонесат. Како што видовте и минатиот пат, не е само да ги чекате американските инжинерци да дојдат и да ви помогнат. Задачата на вистински сојузник е да обезбедите механизација. Да обезбедите луѓе коишто знаат да ја користат. Да обезбедите и ваши финансиски средства со коишто ќе покажете дека не чекате решенијата да ви дојдат од друго место, туку сте подготвени заедно да сработите, нагласи министерката за одбрана Шекеринска.

Таа и се заблагодари на амбасадорката Брнз за големата поддршка што ни ја дава и Амбасадата, меѓутоа и нивниот тим во Министерството.

– Тим со којшто правиме навистина амбициозен план,како Криволак да биде подобар НАТО капацитет. И затоа сме подготвени и ние да финансираме од нашиот буџет, но за тоа помагаат и Соединетите Американски држави. Денеска имавме прилика од нашите и американските претставници да чуеме навистина многу амбициозен план. Не само за оваа година, туку и за потенцијалните вежби во  2022  година, но и за следните неколку години, во кои само од страна на САД ќе обезбедиме финансирање и поддршка на пет проекти,  со кои различни точки на Криволак ќе ги намениме за конкретно воено извежбување. И со тоа ќе бидеме и конкуретни, со тоа ќе можеме да придонесеме,  со тоа на некој начин ќе можеме дури и да обезбедиме и финансиска надокнада,  бидејќи еден дел од сојузниците бараат вакви места кадешто овие вежби се возможни, кадешто имате доволно голем простор. Денеска ќе имаме прилика да видиме до каде е стигната работата со инжинерците, меѓутоа мислам дека главната порака е дека кога си дел од силен сојуз, каков што е НАТО и кога имаш сојузници на кои можеш да се потпреш, и ти, односно ние, стануваш подобар, додаде министерката за одбрана.

Амбасадорката Брнз се заблагодари на министерката Шекеринска и на генералот Арсовски како домаќини.

– Навистина  секогаш сум импресионирана од професионалноста и од стручноста на војниците што ги сретнувам. Навистина ми претставува задоволство што имам можност да ја видам нивната стручност не само генерално, туку што можам да видам како тие се подготвуваат за вежбата „Одлучен удар“. Секоја единица од Соединетите Американски држави, која се обучувала тука, имала само пофални зборови за Криволак и за неговиот потенцијал. И знам дека сите кога ќе дојдат тука,  веднаш се уверуваат во тоа што може да го видат. Криволак е извонреден капацитет за С. Македонија и навистина ги ценам вашите планови што инвестирате и го развивате овој полигон за обука и тоа ќе ги поддржи не само потребите за обука коишто С. Македонија ги има во моментов, туку и идните потреби. Затоа што во моментов како што знаете војската се модернизира со нова опрема и тоа претставува навистина голема поддршка и за посложени комбинирани обуки со американските и со регионалните партнери,  сојузници на НАТО. Исто така, САД, се, како резултат на тоа навистина посветени да ви дадат поддршка во вашите напори,за унапредување на полигонот Криволак и на тој начин да постигнеме еден одржлив момент,  за да ја поддржиме оваа вежба којашто ќе се случи летово и многу други вежби во иднина, нагласи амбасадорката Брнз.