Премиерот беше многу јасен, можни се рокади во министерските места, меѓутоа фокусот е на политиката која на граѓаните ќе им обезбеди подобар живот, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска во коментар на шпекулациите дека има криза и поделба во Владата, по азилот на Никола Груевски и дека таа ќе го наследи премиерот Зоран Заев.

– Бегството на Груевски реално стана главна вест. Меѓутоа тој проблем не треба воопшто  да создава последици на политички план. Нашата влада во изминатиот период се фокусираше на откривање на прашањето што  се доведе до таа ситуација, како да се справиме со последиците, како да обезбедиме Македонија да не ја плаќа цената на тој акт и да функционираат останатите делови на системот. Владата го донесе буџетот, го предложи до Собранието. Тој буџет ги рефлектира нашите реформски приоритети и покажува дека за клучните прашања имаме јасен прецизен и идентичен став. Нашата цел е да ги оствариме нашите ветувања пред граѓаните, рече таа во одговор на новинарско прашање во Криволак.

Тие ветувања, нагласи, не се политички.

– Тие се многу реални, како следната година  да обезбедиме повиски плати, повеќе инвестиции, подобар економски развој и остварување на нашите стратешки цели, почеток на преговори со ЕУ и членство во НАТО. Сите други губења на енергија ќе бидат контрапродуктивни за сите нас, рече Шекеринска.