Претпоставувам дека ВМРО-ДПМНЕ очекува од мене оставка. Пред да бидам избрана сте ја чекале оставката. За што да ја дадам оставката, дека влеговме во НАТО, изјави  попладнево министерката за одбрана Радмила Шекеринска на собраниската седница за пратенички прашања.

-Јас сум за НАТО. Голем дел од вас беа против. За тоа ми барате оставка или ми барате оставка дека првпат кога ќе кажат луѓето дека работат во Армија, не треба да почнат да се жалат од плати, од услови и од заборавеност од државата. Да, од мене барате оставка заради тоа што првпат војската трипати по ред има повисоки плати. Од мене барате оставка затоа што првпат кога ќе видите војник нема да коментирате дека му е стара униформата и искинати чизмите. Барате оставка најверојатно од мене затоа што и сите имаат станбено обезбедување,  рече министерката Шекеринска, одговарајќи на пратеничко прашање од Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа додаде дека првпат нашите кандидати за офицери имаат плата додека се подготвуваат да бидат офицери. Посочи дека сите имаат повисоки плати, како докторите, сите цивилни лица и додаде дека првпат Армијата ќе има и модерна воена, спортска и алпнистичка опрема.

Министерката посочи дека ќе обезбедат и отприемнина за сите војници кои веќе не сакаат да работат во државна администрација.

Шекеринска рече дека во овој момент во Армијата има само двајца генерали кои, како што рече, се избрани и како резултат на мој предлог.

-Ги избрал претседателот врз основа на законот, сум можела, сум дала предлог. Тие двајца имаат НАТО-сертификат, изјави Шекеринска.

Министерката за одбрана посочи дека пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат несоодветното додека таа одговора на поставеното прашање.