Зголемен буџет за реформи во одбранбениот сектор во пресрет на членството во НАТО, е предвиден за 2019 година.

Како што информира на денешната прес-конференција министерката за одбрана Радмила Шекеринска, буџетот за одбраната во 2019 ќе изнесува 8,3 милијарди денари. Тоа е зголемување на буџетот за 2019 година за 0,24 проценти од БДП, а во однос на ребалансираниот буџет за 2018, зголемувањето е за 33,36 проценти.

Приоритети на буџетот во одбранбениот сектор ќе бидат квалитативно зајакнување на персоналот, опремување на АРМ согласно НАТО-стандардите и подобрување на условите за работа на припадниците на Армијата.

Согласно заложбите што беа поставени за постепено зголемување на буџетот во одбраната од 2 отсто од БДП, што е согласно стандардите на НАТО, буџетот за следната година ќе достигне ниво од 1,19 проценти од БДП.

Предвидено е зголемување на платите на вработените во АРМ и Министерството за одбрана. Оваа година имаше 10-процентно зголемување на платите на вработените во Армијата кое се реализира од 1 јануари, а од септември следната година е предвидено петпроцентно покачување на платите и за вработените во АРМ и за вработените во Министерството за одбрана.

– Нема поголема гаранција за безбедноста и за економскиот просперитет на Република Македонија од членството во НАТО. Затоа членството во НАТО е еден од силните фокуси на Владата на РМ. Тоа е во исто време гаранција за добро опремена и силна армија, рече Шекеринска.

Таа нагласи оти се враќаме на стандардите кои, според министерката, пред 10 или 11 години беа изгубени, како во овој, така и во многу други сектори на функционирање на државата.

Потсети дека во јули 2018-та, Владата го усвои Стратегискиот одбранбен преглед, документ кој се смета за клучен податок за тоа каде ќе се движи македонската одбрана, во него се дефинирани правците за развој на целиот одбранбен сектор.

– Буџетот за 2019 ќе биде во поддршка на важните и крупни реформи кои произлегуваат од СОП, а пред се ќе значат модернизација и опремување на Армијата и исполнување на НАТО-стандардите во сите области на одбраната, нагласи министерката за одбрана.