Со еден потег премиерот Зоран Заев им стави крај на нивните лаги и надежи и сега се лутат што биле надмудрени, вели министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Таа, како и нејзината партија СДСМ, и за недоаѓањето на пратениците од владејачките партии во Собрание, вината ја префрла на опозицијата.
– Апла видливо е дека блокирањето на Собранието од страна на опозицијата не се должи на став, туку на страв. Што да им кажат на своите членови, кои со месеци ги „замајуваат“ со фамозното мнозинство „кое го имале, ама го чувале во тајност“, вели Шекеринска во интервјуто за порталот МКД.мк.
Шекеринска во интервјуто говори за придобивките од членството во НАТО, односите со Бугарија, (не)набавката на вакцини против ковид-19 и друго.
– Влијанието на членството во НАТО не е видливо „од прва“, но во заднината ни ги гради позициите како држава, обезбедува зголемена безбедност, па и перцепција за безбедност, што ги охрабрува инвеститорите и носи поевтини и подостапни финансии, вели Шекеринска.