Ако пред нас има строги правила и критериуми, ние можеме да постигнеме и подобри резултати, порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска на одвоената средба со својата француска колешка, Флоренс Парли во седиштето на НАТО во Брисел.
Во контекст на почетокот на преговори за членство во Европската унијата, посочуваат од МО, министерката Шекеринска побара поддршка од Франција, имајќи предвид дека веќе е претставена новата методологија за пристапни преговори, за која Македонија даде поддршка.
На средбата, министерката Шекеринска информираше за усвојувањето на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор во Собранието, како еден од последните чекори до полноправно членство. Шекеринска изрази задоволство што одбранбената соработка помеѓу двете земји е со засилен интензитет, особено имајќи ги предвид подготовките за учество на припадници на Армијата во европската тренинг мисија во Централно Африканската Република, заедно со припадници на вооружените сили на Франција.
Изразувајќи убеденост во успехот на нашата земја, министерката Парли посочи дека покажаната храброст и начинот на водење политика на решавање на проблемите треба да биде пример за целиот регион.
Состаноците на Северноатлантскиот совет продолжуваат денеска со сесија посветена на растот на буџетите за одбраната на земјите – членки на Алијансата. Во текот на денот, министерката Шекеринска ќе учествува и на состанокот на земјите – контрибутори во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, ќе оствари дополнителни билатерални средби и ќе има и работен ручек со министрите за одбрана од регионот.
Потпишан нов Договор за соработка во одбраната меѓу Македонија и Велика Британија
Министерката Шекеринска по вчерашната сесија на Северноатлантскиот совет, на одвоена средба со министерот за одбрана на Обединетото Кралство, Бен Волис потпишаа нов Договор за соработка во одбраната.
Како што денеска соопштија од МО, овој договор помеѓу Македонија и Обединетото Кралство, ќе го замени постојниот Договор за билатерална соработка од 2007 година.
Шекеринска и Волис се согласиле дека овој договор ќе овозможи уште поблиска и посеопфатна соработка помеѓу две пријателски и сојузнички земји и армии.
– Исклучително го цениме фактот што сте посветени и помагате во трансформацијата на нашата Армија. Со новиот Договор за одбранбена соработка нашата одбранбена соработка ќе прерасне во соработка на две сојузнички земји, рекла министерката Шекеринска на средбата.
Министерот Волис изразил задоволство што процесот до полноправно членство на нашата земја во НАТО е во самиот финиш и посочил дека Обединетото Кралство интензивно го поддржува развојот и реформите во одбраната и Армијата.
Македонија и Обединетото Кралство имаат исклучително интензивна соработка во областа на одбраната особено во доменот на одбранбената политика, мировните операции, обуките и вежбите, а во последните неколку години и во делот на советодавната помош во развојот и реформите на одбранбениот сектор, имплементацијата на Стратегискиот одбранбен преглед и развојот на Лесната пешадиска баталјонска група, како единица декларирана во рамки на Алијансата. Од 2017 година, Велика Британија има упатено неколку советници за одбранбени прашања во Министерството, а во моментов бригадниот генерал Хју Лојд Џонс дава експертска поддршка на процесот на трансформација на Армијата и развојот на Лесната пешадиска баталјонска група.