Шесте нови истраги на СЈО се само потврда дека обвинителството на Катица Јанева е класичен инструмент за репресија кон политичките неистомисленици за што подолго одржување на власт на СДСМ, смета поранешниот премиер Никола Груевски. Затворањето на рускиот клириншки долг кон Македонија, набавка на 202 двокатни автобуси, легализација на базни станици, медиумско рекламирање СЈО ги обработува во новите истраги. Груевски во случаите препознава политички прогон на сегашни и поранешни функционери на ВМРО ДПМНЕ, како и наметнување на слика во јавноста дека поранешната власт не била ориентирана кон ЕУ и НАТО.

„Очигледно, од илјадници инвеститори и компании кои работеле во Република Македонија избрани се компании од Русија, Турција и Кина, со цел да се создаде слика дека ВМРО-ДПМНЕ било политички и економски ориентирано кон овие држави за да тоа, а не кон НАТО и ЕУ државите, иако јавно е познато дека по сите параметри, независно дали е увоз-извоз или странски инвестиции, над 90 отсто од соработката се со компании од држави членки на ЕУ и НАТО, како Германија, Британија, Америка, Белгија, Италија, Холандија итн“, стои во објавата на Груевски на социјалната мрежа Фејсбук

Груевски посочува дека политиките на неговата влада, од кои СЈО сега фабрикува криминали, биле причина Македонија да биде во 10-те најатрактивни земји во светот и 5-ти во Европа според добрата бизнис клима. Тоа што СЈО во пуштање владини реклами на локални медиуми гледа криминал односно поседување на истите тие медиуми, Груевски наведува дека рекламирањето не е ништо ново и е присутно во сите други развиени држави. Тој посочува дека владините кампањи дале одлични резултати и ја оствариле нивната примарна цел.

„За жал речиси година и половина живееме во време во кое нема што да се промовира, владата не прави реформи и не дава нови можности на граѓаните од што би произлегла потреба за нивно подетално информирање со цел искористување на тие можности. Владата се занимава само со политички прогон на политичките противници за што преку закани од различен тип ги контролира најголем дел од медиумите, кои притиснати од тоа даваат поддршка на политиките на владата и политичкиот прогон и фабрикувани случаи и монтирани случаи, под притисок и како што бара СДСМ, го прикажуваат како наводен криминал“, пишува Груевски на својот Фејсбук профил.

Подарок, Пропаганда, Дизајн, Хармонија, Базни станици и Пациент се новите кодни имиња кои СЈО ги обелодени вчера преку соопштение.