Шефот на полската дипломатија, Радослав Шикорски, оцени дека Русија ќе се обиде да ги тестира гаранциите што ги дава колективната одбрана на членките на НАТО и оти кога руските претставници секој час и се закануваат на Полска дека ќе ја нападнат, тој мора сериозно да ги сфати тие закани.

– Ако Путин се закани, ако поранешниот претседател Медведев се закани, тогаш за жал морам да верувам во тие закани. Мораме да се подготвиме за фактот дека Русија ќе се обиде да ги тестира безбедносните гаранции во НАТО, рече Шикорски.

Претходно во петокот, на седницата на Советот за безбедност, полскиот министер за надворешни работи на невообичаено ненадеен начин се откажа од својот подготвен говор и директно му се обрати на рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, точка по точка да ги демантира неговите обвинувања против Западот и Полска.

– Небензја вели дека сме заробеници на русофобија, но фобијата значи ирационален страв. Додека речиси секој ден добиваме закани за нуклеарно уништување од поранешниот претседател на Русија и пропагандистите на Путин. Јас тврдам дека тоа не е ирационално, рече Шикорски во Обединетите нации.

Полскиот министер за надворешни работи ги коригираше и историските детали од обвинувањата на рускиот амбасадор дека Полска ја нападнала Русија во Втората светска војна, која секогаш само се бранела.

– За што зборува? Советскиот Сојуз, заедно со нацистичка Германија, ја нападна Полска на 17 септември 1939 година. Тие дури потоа организираа и триумфална парада заедно. Тој вели дека Русија отсекогаш се борела само против агресијата. Што правела советската армија во близина на Варшава во 1920 година? Дали беа на картографска експедиција?“ го праша Шикорски рускиот амбасадор.

Шефот на полската дипломатија ги отфрли и обвинувањата против Украина дека е клиент на Западот и дека со неа владеат нацистите.

– Всушност Киев се бори да биде независен. Тој ги нарекува нацисти. Па добро, претседателот е Евреин, министерот за одбрана е муслиман и тие немаат политички затвореници. Тој вели дека Украина се дави во корупција. Па, Алексеј Навални документирал колку неговата земја е чиста и полна со чесност, рече Шикорски.

Шикорски денеска во интервју за полската јавна телевизија ТВП рече дека моменталната ситуација на фронтот е во ќор-сокак, но оти верува дека новиот пакет помош од 65 милијарди долари, кога ќе го одобри САД, ќе доведе до пресврт и ќе ѝ даде крилја на Украина.

Шикорски додаде дека ако генерално се проценат двете години војна, Украина сепак постигна неочекуван успех.

– Да разговаравме на денот кога почна руската инвазија, ќе изгледав како оптимист да кажев дека Русите нема да успеат да го освојат Киев, дека Украинците ќе тргнат во контраофанзива и ќе вратат половина од окупираните територии, дека ќе ја избркаат руската флота од половина од Црното Море и дека Западот ќе побрза да даде огромна помош, рече Шикорски. јт/

Фото: Фејсбук