Уште еден „антологиски“ проект на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, со кој денеска се пофали на Фејсбук.

– На улицата Рузвелтова, една од антологиските градски улици, екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ во изминатиот период извршија целосна обнова на дрворедот и на зеленилото. Пред две години почнавме со замена на дрвјата на почетокот на Рузвелтова, на оние исечени диви костени, а сега целосно е обновен дрворедот со црвени јавори кои се автентични растенија за скопската котлина, информира денеска Шилегов.

Полека се движиме од Малиот ринг кон периферијата со овој начин на уредување на јавниот простор, додава Шилегов во самофалбата на Фејсбук.

– Гледате дека овде на Рузвелтова за првпат имаме одделен велосипедски и пешачки сообраќај за да овозможиме и алтернативен пристап до Зоолошката градина којашто е една од најпосетените институции во нашиот град. А знаете колкава девастација на зеленилото имаше во изминатите 15 години, пред доаѓањето на оваа градска администрација, наведува Шилегов за својот „антологиски“ проект.

А бетонот кој изнинкна, и поради кој се исечени многу дрвја и е уништено зеленило низ Скопје за време на неговиот мандат, го гледаат само граѓаните во Аеродром, Карпош и други делови од градот. Оти од антологиските дрвја не се гледа бетонската шума!

(Д.Г.)