Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов соопшти дека Градот денеска на плоштадот Македонија ќе постави голем видео бим, на кој граѓаните ќе можат заеднички да го следат и бодрат ракометниот клуб Вардар на финалето против Веспрем за нова европска шампионска титула.
– Градот Скопје, утре на нашиот плоштад, на голем видео бим, организира заедничко следење и бодрење за новиот триумф на Вардар и неговата нова европска шампионска титула, најави синоќа на својот Фејсбук профил Градоначалникот Петре Шилегов.
– Ајде масовно сите на плоштад. Еден е Вардар, напиша Шилегов, повикувајќи ги граѓаните на што помасовно присуство на плоштадот Македонија.
Македонскиот шампион денеска со почеток во 18 часот во Келн ќе го игра второто европско финале во својата историја, а противник ќе му биде Веспрем.
„Незгодно“ ќе биде, ако вечерва Вардар повторно стане европски шампион, Шилегов и сите што во шарената револуција ја сквернавеа порта Македонија, да го гледаат македонскиот првак како триумфално минува под истата.
Шилегов во својата објава не го спомнува ни името на плоштадот Македонија во главниот град на кој е градоначалник. Тој го именува како „нашиот плоштад“.