Град Скопје ќе го донира проектот и од градската каса ќе биде платена и реконструкцијата и хортикултурното уредување на рамниот дел од покривот (3.182 квадратни метри) на трговскиот центар „Мавровка“, кој е во приватна сопственост. За таа цел, Град Скопје ќе издвои 45 милиони денари (700.000 евра). Уредувањето на покривот на „Мавровка“ беше најавен во јануари годинава од страна на градоначалникот Петре Шилегов, кој истакна дека ова ќе биде третата зелена оаза во градот.

Со реконструкцијата ќе се добие зелен покрив со уредено ниско и високо зеленило, различни видови на вегетација, водени површини, фонтани, поплочени патеки, простор за играње на деца и специјални структури како павилјони на соодветни позиции – образложуваат градските власти во одлуката која вчера беше ставена на одобрување од градските советници и оттаму додаваат дека за оваа цел ќе се спроведе и јавна набавка.

Исто така, денеска се бараше зелено светло за уште една донација од Градот, а се однесува за хортикултурно уредување на паркот кај објектот на Министерството за култура, вклучувајќи ја и фонтаната што се наоѓа во централниот дел, потоа, осветлување на дворното место и фонтаната, со канделабри за улично осветлување, како и асфалтирање на паркингот во дворното место. Проценетата вредност на донацијата изнесува 1,3 милиони денари (20.500 евра).