Скопскиот градоначалник Петре Шилегов како адвокат бил разочаран од тоа како се води истрагата за криминалната афера Рекет, а како политичар само еднаш се сликал со првоосомничениот во аферата Бојан Јовановски или Боки 13.
– Очекувам што е можно побрзо обвинителството да ја заврши истрагата ако има инволвирани или има сознанија, не е мое да се мешам. Јас сум човек кој откако сум влезен во политиката се залагам исклучиво за владеењето на правото. Ако мене ме прашувате, ќе мораше малку поинтензивно да си ја работат својата работа и јавното обвинителство и судовите. Непринципиелно е да очекувате дека градоначалникот на Скопје, претседателот на Владата или министерот за внатрешни работи некого ќе затвора. Тоа е работа на јавните обвинителства и на судовите. За жал мојата констатација и како адвокат е дека не до крај совесно и не до крај одговорно ја завршија работата судовите и тука ќе треба да се позамисли секој од нас. Досега немаме достигнато високо ниво на професионалност ни во обвинителскиот систем, вели Шилегов за ТВ Алфа.
На прашањето дали се фотографирал со Боки 13 и колку е близок со него, Шилегов одговори:
– Во јавниот живот во нашата држава политичарите се најекспонирани. Секакви луѓе ни приоѓаат и со секакви луѓе се сликаме. Со Бојан Јовановски мислам дека имам една слика која беше на отворањето на телевизијата 1ТВ. И не мислам дека фотографија со било кого може да биде индиција за било што, рече Шилегов.
Нема што да се додаде за утеха за разочараноста на Шилегов од правосудниот систем, кој како што рече, не ја заврши до крај професионалната улога околу „Рекет“. Но, ако е утешно, има најмалку уште две други фотографии на кои е сликан со Боки 13, кој со Зоки Кичеец и специјалната обвинителка Катица Јанева се во притвор во Шутка.