Град Скопје објави тендер за изработка на проект за воведување брз автобуски систем или т. н. автобуско метро за трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче.

Градоначалникот Петре Шилегов не престанува „да гради и да фи изненадува скопјани“. Вети тунел под Кале, па веловоз од Лисиче до Ѓорче Петров, следуваше трамвај на гумени тркала и еве сега за Скопје подготвува автобуско метро.

Како што пишува порталот СДК, со тоа Градот и официјално ја почнува постапката за воведување нов концепт на јавен провоз, кој уште пред година и половина го најави градоначалникот Петре Шилегов. Понудите треба да се достават до 3 септември по што, како што вели градоначалникот Шилегов, ќе биде потпишат договорот за заем со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и објавен тендерот за набавка и воведување на новиот јавен превоз во Скопје.

– Ова е првата фаза од реализацијата на овој значаен проект за градот и основа за да го потпишеме договорот со ЕБОР за заем. Очекувам дека до крајот на оваа година ќе ги завршиме постапките за добивање на заемот и распишување на тендерот за избор на фирма за набавка на возилата и изведба на целокупниот систем. Наредната година би стартувале со имплементацијата, вели Шилегов.

Според замислата на Шилегов трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче ќе биде со должина од 12,81 км во една насока, ќе има 21 автобуска постојка и 2 терминали, во индустриската зона во Ѓорче Петров и во населбата Ново Лисиче. Првата станица ќе биде кај Поликлиниката Ѓорче Петров, ќе се движи долж булеварот Партизански одреди. За приклучок во центарот на градот кај Соборниот храм ќе врти на булеварот Климент Охридски, па кон улицата Димитрие Чуповски. Потоа по булеварите Кочо Рацин, Кузман Јосифовски-Питу и Јане Сандански до улицата Февруарски поход во Ново Лисиче, каде ќе биде последната станица.

Во тендарската документација се бара возилата да се движат по крајната лева лента и таа да биде одвоена од другите ленти, за да не може по неа да возат други возила или да се паркираат.

– Проектантот треба да предвиди дека сообраќајната лента за движење на возилата на ‘Бас рапид транзит‘ (БРТ) во однос на останатиот моторизиран сообраќај треба да биде одвоена со посебни разграничувачи, со исклучок на крстосниците каде што треба да остане можност за мешање со останатиот моторен сообраќај. Да се направи анализа што ќе се случи зимно време при чистење на снег и во зависност од резултатите да се даде мислење дали поставувањето на разграничувачи е неопходно или ќе биде доволно да се постави хоризонтална сигнализација. Ако се постават разграничувачи, истите по потреба да можат да се дислоцираат. Доколку не може да се постави на крајната лева лента, да се достави предлог на која лента е тоа најизводливо, предвидено е со тендерската документација.

Ако возилата се движат по крајната лева лента, тогаш автобуските станици ќе се постават во средишното зеленило и истите да се користат за двете насоки на движење. Во зависност од водењето на трасата на БРТ, проектантот да има предвид отворен или затворен систем на организација на автобуските настрешници.

Според првичните проценки, приближниот број на патници кои ќе ја користат оваа траса ќе биде околу 65.000 на ден. Со имплементција на првата фаза се очекува времето на патување од сегашните 70 минути да се намали за повеќе од 50 отсто, да се зголеми фрекфенцијата на автобуси на 3-4 минути. Автобусите да бидат со хибриден погон и со должина од 18 метри. Времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде 35 минути.

Улицата Димитрие Чуповски по воведувањето на автобуското метро ќе треба да се пренамени во пешачка зона, со дозволено движење само на возилата од јавниот превоз, кои би се движење со брзина на пешак.

Воведување на новиот концепт на јавен превоз ќе чини 70 милиони евра