Имаме сериозно подобрен квалитет на воздухот во Скопје и за среќа ние немаме проблем со аерозагадувањето, изјави градоначалникот Петре Шилегов.
Градоначалникот нема проблеми со аерозагадувањето и во денови, како што беше пример вчерашниот во населбата Ново Лисиче, која беше во црвена фаза со речиси пет пати повеќе ПМ 10 честички од дозволеното. Но, тоа не е случај само со оваа населба, особено ноќе и кога нема ветер.
Советничката од ВМРО-ДПМНЕ Јелена Жугиќ на последната седница на советнички прашања му постави прашање на Шилегов до каде е гасификацијата на Скопје која треба да биде сериозен чекор во борбата против аеро загадувањето.
– Загадувањето останува проблем, а дел од тоа загадување се должи на издувните гасови од домаќинствата и индустриските капацитети. Пред неколку години е оформено акционерското друштво Градски енергетски системи кое што требаше да биде и главен дистрибутер на гасот. Дали во 2021 година конечно може да се очекува проток на гас низ гасоводот, праша советничката Жугиќ.
Одговорот на Шилегов беше дека Скопје нема проблем со аерозагадувањето.
– Палење на гума и пластика е нешто што не ни се случува долж индустриските капацитети во градот Скопје. Имаме сериозно подобрен квалитет на воздухот во Скопје. Ние за среќа немаме проблем со аерозагадувањето што незначи дека е доволно, ние ќе продолжиме да работиме да нема толку загадени денови, одговори Шилегов.
Тој додаде дека проблемот со аерозагадувањето не е проблем на Скопје, туку е прашање на државата и одлуката која треба да ја донесе дали гасификацијата ќе биде јавна комунална дејност или ќе биде јавно приватно партнерство на ниво на цела држава.