По многубројните реакции од граѓаните, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска се обиде на граѓаните да им докаже дека во градот се води „ефикасна војна“ со комарците. Тој, како што најави, со видео ќе докажува дека „се врши запрашување со тивки авиони“. На видеото се гледа само предниот дел од авион кој од поголема висина го надлетува Скопје.
Град Скопје соопшти дека денеска во раните утрински часови е извршено третото продолжено авионско прскање против возрасни комарци.
Прскањето, како што посочуваат, ќе се одвива и во наредните три дена, односно до 13 август (понеделник), кога ќе продолжи од земја и ќе се одвива до 17 август во период од 23 до 04 часот, наредниот ден.
Од Град Скопје истакнуваат дека заради зголемените врнежи во изминатиот период се создала поволна клима за брзо размножување на комарците, па одлучиле третото прскање наместо два дена да трае четири дена, со што се зголемува интензитетот на заштита.
Линк до видеото од утринското прскање против комарци, со авион: https://www.youtube.
По ова продолжено и засилено прскање ќе се изведат уште две прскања против комарци, што се планирани кон крајот на месецов и на почетокот на септември. Пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите, наведуваат од Град Скопје.
Појаснување: Видеото што е дистрибуирано од Градот е старо, а испратено е како денешно. Подоцна е испратено и извинување од Градот и најавено е снимање ново видео за утре сабајле. На снимањето, како сведоци или статисти, се поканети и граѓаните.