Подигаме нов дрворед во срцето на Скопје. Нови 26 високо квалитетни јавори ќе го красат нашиот град, објави градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, најавувајќи воедно дека в понеделник се возобновува и дрворедот со јапонски цреши на ул.„Максим Горки“.
ЈП „Паркови и Зеленило“, на барање на Општина Центар, вчера изврши интервенција на дрворедот на улицата „Максим Горки“. Од Општината информираа дека се работи за отстранување стари и болни дрвја од видот јапонска цреша.
-Јапонската цреша е дрво по кое е и самата улица „Максим Горки“ препознатлива и карактеристична. Општина Центар ја известува јавноста дека на местото на отстранетите стари и болни дрва во понеделник ќе засади нови 18 висококвалитетни дрвја од истиот вид, јапонски цреши, кои се примени како донација од вработените во претставништвото на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Скопје, соопшти Општина Центар.
Вчерашниот масакр на јапонските цреши во Скопје, како што објавивме, предизвика голем револт кај граѓаните. Тие на социјалните мрежи остро реагираа на овој зафат на Шилегов и со потсмев истакнаа дека „од дрвјата во градот засега се сигурни само Југодрво и Дрводекор“.