Град Скопје оваа есен ќе субвенционира 2.000 домаќинства и други субјекти на подрачјето на главниот град за чистење оџаци. Ова беше идеја на градоначалникот Петре Шилегов.
За таа намена во буџетот на Град Скопје се одвоени два милиони денари. Износот на субвенцијата е 1.000 денари, независно од вредноста на услугата за чистење.
За надоместување на дел од трошоците и докажување дека критериумите за учество се исполнети, граѓаните треба до Град Скопје да достават неколку документи. Тоа се барање за надомест што може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата www.skopje.gov.mk, а со доставување фотокопија на личната карта ќе се докаже жителството. Потребно е да се достави потврда за реализирано чистење, потпишана од стручното лице што го исчистило оџакот, фискална сметка од фирмата регистрирана за дејноста чистење оџаци и фотокопија од трансакциска сметка.
Градските власти информираат дека исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, по донесување на решенијата за усвојување на барањата од страна на градоначалникот на Град Скопје.
Градските власти во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување спроведоа обуки за 15 нови оџачари. Првиот тим од 10 оџачари кои ја завршија обуката почнаа со чистење на 100 оџаци на домаќинства кои се пријавија на повикот за бесплатно чистење.
Во Скопје има само осум регистрирани оџачари, а 45 отсто од вкупниот број на домаќинства се грејат на дрва, односно тоа е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во главниот град.
Според некои податоци, во Скопје има над 60.000 оџаци кои многу ретко се чистат, а општо познато е дека неисчистен оџак загадува најмалку двојно повеќе во споредба со исчистен оџак.
– Овој период од годината е најпогоден и треба да се искористи од страна на домаќинствата што се греат на дрва или воопшто имаат какви било оџаци да ги исчистат и да се осигурат дека тие нема да загадуваат во текот грејната сезона, соопшти Град Скопје.
Познато е дека опасноста од запуштени и неисчистени оџаци е голема. Не само што загадувањето и емисијата на ПМ 10 честички е голема, туку се загрозува и безбедноста на корисниците ако чистењето не се спроведува редовно. Препорачливо е оџаците да се чистат три пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена.