Руската војска загуби речиси 6.000 војници за време на борбите во Украина, изјави денеска рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.

Според министерот, жртвите на украинската страна се десет пати поголеми, со 61.207 убиени киевски војници.

Ова е првпат официјален извор од Русија да ги објави воените загуби во воената операција во Украина од крајот на март, кога бројот на убиени војници изнесуваше 1.351, според Министерството за одбрана.

– Нашите загуби досега се 5.937 мртви, откри Шојгу.

Тој, исто така, ја пофали работата на воените медицински лица, велејќи дека 90 отсто од руските војници кои биле ранети за време на борбите можеле да се вратат во акција по лекувањето.

– Првично, вооружените сили на Украина изнесуваа меѓу 201.000 и 202.000 луѓе, а оттогаш тие претрпеа загуби од околу 100.000, со 61.207 убиени и 49.368 други ранети“, рече тој.

Шојгу додаде дека Киев оттогаш мобилизирал уште стотици илјади мажи во своите сили.

Руските сили и милициите (цивилната војска) на Народните републики Доњецк и Луганск, исто така, елиминираа повеќе од 2.000 платеници кои се бореа за Киев, рече министерот. Нешто повеќе од 1.000 странци во моментов остануваат во редовите на украинската војска, додаде тој.

М.П.