Германскиот канцелар Олаф Шолц и неговиот заменик, министерот за економски прашања и климатски активности Роберт Хабек, денеска ја започнаа тридневната посета на Канада, во обид да договорат краткорочни енергетски решенија базирани на гас и да истражат подолгорочни, почисти опции, како што е зелениот водород.
На заедничката прес-конференција во Монтреал, канадскиот премиер Џастин Трудо го поздрави својот германски колега Шолц како исклучително важен прогресивен глас и изрази оптимизам за заемно корисни деловни инвестиции и соработка во одбраната на Украина од руската агресија.
Трудо ги промовираше своите планови да ја направи Канада со „нето-нула“ економија во однос на емисиите на јаглерод, како и главен глобален снабдувач на енергија.
Фокусот на преговорите со Германија ќе биде ставен на снабдувањето со течен природен гас (ЛНГ) и зелен водород во обидот на Берлин да ја намали својата зависност од Русија како снабдувач на гас.
Шолц ги спомна двата вида енергија, велејќи дека мора да го направиме она што е неопходно за иднината, прво да станеме климатско неутрална економија. За таа цел, тој ја истакна целта на неговата влада Германија да биде климатско неутрална до 2050 година и улогата што Канада ќе ја игра во постигнувањето на таа цел како водечки развивач на технологијата за зелен водород.
Шолц ќе ги посети Монтреал, Торонто и Стивенвил, Њуфаундленд, а освен вицеканцеларот Хабек, тој со себе води и деловна делегација од 30 луѓе. Портпаролот на германската влада нагласи дека кабинетот во Берлин се чувствува особено поврзан со Канада, а особено со лево-либералната влада на Џастин Трудо. Затоа не се работи само за војната во Украина и бизнисот со Русија, туку и за проширување на енергетското партнерство со Канада.