Германскиот канцелар Олаф Шолц се очекува денеска во Истанбул на разговори со претседателот Реџеп Тајип Ердоган.

-Клучните точки на дневниот ред би можеле да ги вклучат Блискиот Исток, миграцијата и безбедноста, изјави за ДПА претставник од Дирекцијата за комуникации на Ердоган во Анакра. Се очекува да се разговара и за економските врски.

Посетата може да означи пресвртница бидејќи Берлин бара поддршка од Анкара, особено за прашањето за депортирање на одредени илегални мигранти.

Германската влада неодамна соопшти дека Турција се согласила да ја олесни депортацијата. Турските државјани ја сочинуваат третата по големина група баратели на азил во Германија, по Сиријците и Авганистанците. Во првата половина на 2024 година, 441 лице со турско потекло се депортирани од Германија во Турција, покажуваат германските официјални податоци.

На крајот на септември, повеќе од 15.000 турски државјани требаше да ја напуштат земјата.

На дневен ред би можеле да бидат и тековните војни во Украина и Газа.

Владата на Ердоган има блиски односи со палестинската исламистичка организација Хамас, го нарекува Израел „терористичка држава“ и ја критикува германската влада за снабдувањето со оружје на Израел, меѓу другото.

Во последниве години, германската влада одобри само ограничен извоз на оружје во Турција. Турски извори неодамна изјавија за ДПА дека очекуваат позитивни сигнали од Берлин во врска со барањето на Турција да купи 40 авиони Еурофајтер. Германија е копродуцент на авионите.

Ердоган повика и на продолжување на преговорите за пристапување во ЕУ и визна либерализација за турските граѓани, наведува ДПА.