Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека се радува на ново поглавје во односите со Бразил, по завршувањето на мандатот на контроверзниот екстремно десничарски поранешен претседател на Бразил, Жаир Болсонаро.
– Сите сме возбудени што Бразил се врати на светската сцена, рече Шолц во Бразилија по средбата со новиот претседател на Бразил Луис Инасио Лула да Силва, кој положи заклетва на 1 јануари, пренесе ДПА.
– Недостасуваше, драг Лула, рече германскиот лидер, кој е во четиридневна посета на Јужна Америка, додавајќи дека се радува на добра и долга соработка. Лула спонтано го прегрна Шолц по овие зборови.
Левичарскиот политичар Лула ја презеде функцијата од Болсонаро откако го порази на вториот круг од изборите во октомври. Екстремно десничарскиот претходник на Лула во голема мера ја изолираше земјата на меѓународно ниво.
Лула вети дека ќе се бори против климатските промени и сака да го забави уништувањето на шумите на амазонската прашума. Шолц во понеделникот му вети поддршка и алудираше на ново партнерство против климатските промени.
Германскиот канцелар најави и продолжување на германско-бразилските владини консултации на есен, кои првпат беа одржани во 2015 година, откако беа суспендирани за време на мандатот на Болсонаро.
Шолц, исто така, го увери Лула за неговата поддршка во однос на упадот во владините згради во Бразилија на 8 јануари од страна на илјадници поддржувачи на Болсонаро кои одбија да го прифатат неговиот изборен пораз.
– Демократите мора цврсто да стојат заедно, рече германскиот канцелар и додаде дека немирите беа „потсетник дека мора да направиме се за да ја одбраниме демократијата“.