Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска пристигна во Киев на својата прва посета на Украина по две и пол години. За време на оваа ненајавена посета, тој ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесе ДПА.

Шолц најави дека до крајот на декември ќе се реализира испорака на оружје во вредност од 650 милиони евра за поддршка на украинската одбрана.

– Сакам да биде јасно дека Германија ќе остане најсилниот поддржувач на Украина во Европа, изјави Шолц, кој допатува до Киев со специјален воз.

Канцеларот истакна дека посетата е знак на солидарност со Украина, која „херојски се брани од безмилосната руска агресија повеќе од 1000 дена“.

– Украина може да смета на Германија. Ние го зборуваме она што го правиме и го правиме она што го зборуваме, додаде тој.

Ова е трета посета на Шолц во Украина, но втора по почетокот на руската инвазија. Тој првпат ја посети земјата во февруари 2022 година, непосредно пред почетокот на инвазијата, а потоа повторно во јуни истата година заедно со францускиот претседател Емануел Макрон и тогашниот италијански премиер Марио Драги.

Исто така, вчера во Киев пристигнаа и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, шефицата за надворешна политика на ЕУ Каја Калас и еврокомесарот за проширување Марта Кос, на својата прва посета од почетокот на нивниот мандат.

фото: архиваsolc