Владата на Шпанија денеска ги предупреди регионалните власти на Каталонија дека ќе испрати припадници на националната полиција во овој шпански автономен регион, доколку тие не ја гарантираат безбедноста.
Остро предупредување е испратено откако регионалната полиција не интервенираше за време на демонстрациите минатиот викенд на приврзаниците на независноста на Каталонија.
За време на протестите беа блокирани главните автопатишта, а сепаратистите ги пропуштаа автомобилите на наплатните станици без да плаќаат патарина, додека регионалната полиција стоеше и ништо не преземаше.
Владата во Мадрид, предводена од Педро Санчез, испрати три писма на каталонските власти во кои наведе дека каталонските полицајци „ја занемариле својата должност“ и дека ќе испрати припадници на Националната полиција доколку регионалната влада не може да ја осигура безбедноста во покраината.
По минатогодишниот обид на Каталонија за отцепување од Шпанија, што доведе до политичка криза, официјални претставници на Барселона и централните власти започнаа дијалог во јуни, кога новата влада на левиот центар ја презеде власта во Мадрид.