Лионел Меси е без гол за Барселона во последните четири меча што е доволно за шпанските медиуми да заклучат дека Аргентинецот е во криза каква не паметат во последните шест години.
Меси не се впиша во листата на стрелци против Валенсија, против Леванте, против Бетис и вчера против Хетафе. Па, педантните статистичари на Пиринеите забележуваат дека последен пат ова било случај со аргентинскиот ас во јануари во 2014 година.
Пред Барселона е двомеч со Наполи во Лигата на шампиони, а навивачите на каталонскиот клуб се надеваат дека нивната прва ѕвезда дотогаш ќе го намести нишанот. Не е далеку ниту „Ел Класико“, вечното дерби во шпанскиот фудбал меѓу Барселона и Реал Мадрид кое е закажано на 1 март.
Голгетерската криза, Меси ја надоместува со асистенции. Аргентинецот „намести“ шест од последните седум гола за Барса, меѓу кои и водечкиот на Антоан Гризман во конечните 2:1 вчера попладне против Хетафе.
Меси досега има 12 асистенции во 19 лигашки настапи. Само една повеќе имаше во цела мината сезона во која одигра 34 натпревари.