Шпенд Бафќари, кој го претставува тетовскиот регион во Синдикатот за образование, за Алсат изјави дека штрајкот ќе продолжи сè додека Владата сериозно не ги сфати барањата на наставниците.

„Штрајкот го продолжуваме според училишниот распоред. Професорите доаѓаат и си одат според распоредот на часовите. Штрајкот продолжи во сите училишта, основни и средни. Не беше само предлогот од 12 отсто, туку пристапот, разговорите се навредливи. Штрајкуваме веќе две недели, штрајкот не го сфатија сериозно, работат преку медиумите. Ние сме на училиште, но штрајкот ќе продолжи поради несериозноста на Владата“, изјави Шпенд Бафќари, СОНК, подружница Тетово.

По одлуката за продолжување на штрајкот, министерот за образование Јетон Шаќири ги повика директорите да организираат настава, а родителите да ги носат учениците на часови. Според Шаќири, учениците веќе многу изгубиле од наставата и со тоа мора да се прекине. Штрајкот денеска ги судри и ВМРО и СДСМ. Македонската опозиција го поддржува штрајкот бидејќи обвинуваат оти Владата постојано експериментира со наставниот процес. Од друга страна, СДСМ го обвини ВМРО дека го поттикнува штрајкот и го политизира проблемот. Реагираше и УНИЦЕФ, од каде изразија загриженост поради загубената настава, па според нив, секој изгубен час треба да се надомести, се вели во прилогот на Алсат.