Најсветлата точка на балканската турнеја на германскиот канцелар Олаф Шолц е извонредната изведба на националната химна на Германија од страна на воениот оркестар во Скопје, пишува германскиот весник Шпигел.
Текстот насловен како „Германец со надеж во багажот“ за викенд-турнејата на Шолц во пет градови на Балканот, започнува со констатацијата на новинарката Мелани Аман, еден од репортерите во бројната новинарска екипа што го придружуваше канцеларот на турнејата, дека најсветлата точка на целото патување била извонредната изведба на националната химна на Германија од страна на воениот оркестар во Скопје!
– И победникот е… Воениот оркестар во С. Македонија. На ниту една друга станица од патувањето на канцеларот Шолц на Западен Балкан, германската национална химна не звучеше толку силно и заносно како во Скопје, пишува Аман во Шпигел.
И други присутни германски дипломати, политичари и новинари на официјалниот пречек на Шолц пред седиштето на Македонската влада во Скопје биле воодушевени од протоколарното поздравно свирење на државните химни на Германија и Македонија.
– Два дена, пет држави (не сите меѓународно признати), четири претседателски палати со постсоцијалистички сјај, пет прес-конференции со делумно непослушна микрофон-технологија („тест, тест, тест, теест“), пет колони со лимузини, трепкачки светла, минибуси, блокади на патиштата, долг сообраќаен метеж за локалното население и драматични воени почести вклучително и свирење химна. Сојузниот канцелар ја исполни густата програма, коментира шегобијно Шпигел.
Оние кои ја паметат и посетата на тогашната германска канцеларка Ангела Меркел на Скопје во септември 2018 година велат дека и тогаш свирењето на германската химна од страна на Воениот оркестар на тогаш, се уште, АРМ предизвикала возбуда и воодушевување кај гостите.
Видеото може да го отворите ТУКА.