Општините за вкупно 29 отсто ја намалиле потрошувачката на електрична енергија во септември, споредено со истиот месец претходната година, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Како што рече Бектеши, презентирајќи ја анализата за рационална потрошувачка, од 81 општина, 25 не постигнале заштеда од 15 отсто, а останатите 56 општини успеале да направат заштеда поголема од 15 отсто.

Притоа, најмногу отстапува Арачиново со значително поголема потрошувачка отколку септември минатата година.

-Најмногу со поголема потрошувачка отстапуваат Арачиново, Гостивар и Свети Николе. Останатите што не ја постигнале заштедата од 15 отсто се во ранг од 40 до 13 отсто, информира Бектеши.

Од државните институции Владата, судовите, Собранието, Претседателот на државата, ЕСМ и МЕПСО во септември годинава вкупно заштедиле 20 отсто струја во однос на истиот месец лани.

Според анализата што денеска ја презентира министерот за економија Крешник Бектеши, доколку се земат предвид податоците од потрошувачката само на административните згради на министерствата, Претседателот на државата, Собранието, Владата, АД ЕСМ и АД МЕПСО заштедата на струја изнесува 25 отсто. Притоа, шест субјекти имаат намалена потрошувачка на енергија во септември, но немаат остварено заштеди од 15 отсто согласно задолженијата, додека останатите субјекти имаат остварено заштеди од 15 до 73 отсто, повеќето од 25 до 35 проценти.

Единствено, како што рече Бектеши, административната зграда на Министерството за локална самоуправа има зголемена потрошувачка на енергија за 81 процент, а најголема заштеда е направена во административната зграда на АД ЕСМ од 75 отсто.