Петмина осуденици вчера околу 18 часот во затворот во Штип се затвориле во една од собите за дневен престој во првото затворско крило.
Раководството на затворот претпоставува дека причина за револтот била тоа што претходно околу 15: 30 часот, вработените од затворот при претрес им пронашле три мобилни телефони и пет сим картички.
Осудените лица кои вчера се затвориле во просторијата, се снимале и со мобилен телефон, кој не бил најден при претресот, а снимката е веќе објавена на социјалните мрежи.
Директорот на затворот во Штип, Мики Тодоров ја потврдува вчерашната случка и вели дека согласно Законот, на осудениците им е забрането да имаат мобилни телефони.
-Осудениците ништо не сакаа, туку на овој начин го изразуваа револтот. Ние како раководство гледавме на смирен начин, без употреба на физичка сила да се реши целата ситуација. Со нив преговаравме околу два часа, за на мирен начин да излезат и ја отворат вратата, да нема некакви последици, бидејќи повикување на бунт е казниво од шест месеци до три години затвор, вели Тодоров.
Тој истакна дека некои од осудените лица додека биле во дневниот престој се самоповредиле со жилет или стакло, по што откако излегле од просторијата, им е дадена медицинска помош. Во текот на денешниот ден осудентите лица треба да дадат изјави за вчерашниот настан.
Тодоров ги негира и тврдењата на еден од осудениците дека немаат никакви права. Според Тодоров, затворениците ги имаат сите права, а поседувањето на мобилен телефон е строго забрането во затворските установи.
-Доколку им се нарушени правата, осудените лица слободно ги упатувам да напишат претставка до Народниот правобранител, за да се утврди дали им се нарушени или не правата, изјави Тодоров.
Ова е прв ваков случај во штипскиот Затвор, откако за директор е поставен Мики Тодоров. Пред неколку години во овој затвор имаше изразување на револт од страна на осудени лица, качувајќи се и седејќи на кровот од затворот.