– „Водач ме праќа татковната, лелекањата на Македонија ги пренесувам, со нас се Бог и правдата; оган ќе згазиме, чкрапји ќе изгориме, докрај борејќи се, во прав ќе ги претвориме душманите, земјата ќе си ја спасиме, зашто бог е со нас!“, напишал Прличев пред 150 година во песната „Водач ме праќа татковината“  

Пишува: Блаже Миневски

Во својот говор пред охриѓани одржан на 12 јуни 1866 година големиот македонски поет Григор Прличев меѓудругото рекол: „Кога Господ ти викат чувај се, многу појке ти викат да си ја чуваш таткојната. За тоа колку да бидит чоек нечесен, пак таткојната му је најмила на векот. Зашчо татко имаме еден, а таткојната је многу таткој. Мајка имаме една, а таткојната је хилјади мајки. Братја, имаме пет или десет, а таткојната је неброани браќа. Еден чоек шчо не сиа милвит таткојната појке од татка и мајка, и појке от себеси, тој не можит да бидит чесен чоек”.

Ако те разбереет оти мамиш, сетне и вистина да велиш никој не ке те вервит!

Марионетите што го уништија релјефот посветен на Григор Прличев  бездруго не знаат дека оној што не си ја сака татковината, тој не може да биде чесен чоек. Станува збор за беседа на нашиот најголем поет од 19-ти век објавена веднаш откако е  одржана во Охрид, односно само дваесеттина дена подоцна во весникот „Време“. Во научните кругови ова „слово“ на Прличев е познато под насловот „Чувај се себеси“, а предизвикало големо внимание не само кај оние што го слушале туку и  кај оние што го прочитале. Во словото, кое  е најдолго од сите негови слова, Прличев ги советува луѓето да прават добри дела, да бидат работливи, да се штитат од суеверие, да се образуваат на мајчин јазик и да си ја сакаат татковината:

„Шчо ке речит – да не мамиш. Оти ако те разбереет оти мамиш, сетне и вистина да велиш никој не ке те вервит. Тој шчо тепат и него ке го отепеет. Чумотие разумот, кога тој вели чувајсиа татковината и љубиа неа појке од сфе, а ти си ја продааш таткојната за ошчо, за едно кафе, за една визина… Чумотие разумот кога сфекое харно го борајш за лошо, а лошото за харно. Тебе те имам за лексаајне (зборување)  шчо се не чуваш шчо си толку прост, и толку аплос на срце, дури таткојната мила си ја предааш и топлиш фпазоа змиа шчо те каснит. Толку сме одалечени от доброто, шчо правиот човек го имаме за будала, а музевирот за чесен. Сфекое лошо за харно, а харното за лошо. Та за тоа никако неможиме да се зачуваме. Сфите книжје шчо се наожџеет по векоф, сфе тоа пишеет, чувајсе. Ама ние от сфите страни видовме оти го имаме  престапено, та за тоа сме испаднати на едно мертебе  (степен), шчо колку славен беше Охрит напрет, толку сега сфиот век се  ликсат (шегува) со нас, на тоа сме паднати денеска, на вакоф сон болезлиф и мртоф, чунки госпот рече ако се нечуваш сфите таксирати ке бидеет на глаат тфоја… Госпот ти даде разум, и ти рече чувајсе. А ти се нечуваш, та тргаш. Ех! Кој ти е кабаетлија! Ние не можиме да речиме оту сме живи. Ние ушче на живот сме мртви…“ , им порачал Приличев на охриѓани пред 150 години иако звучи како да говорел пред Порта Македонија, на пример, додека хулиганите го поганеја токму него во еден од релјефите на ѕидот.

Во секој случај, додека мародерите предводени од шушлевци, шутраци, шушумиги и странски платеници го уништуваа рејлефот на кој е прикажан Прличев и неговото дело, големиот поет можеби помислил дека повторно се вратиле фанариотите и дека неговата борба била залудна.             Пред 150 година, во годината на оваа негова најжестока беседа, по иницијатива на Прличев охридските трговци и занаетчии основаат фонд за „народниот подвиг“, како што ја нарекува таа борба поетот, за воведување на народниот јазик во училиштатата и црквите наместо грчкиот, всушност борба за  ослободувањето од духовниот гнет на Цариградската, грчка патријаршија. Како еден од водачите на „народниот подвиг“, Прличев речиси секојдневно   држи слова пред собирите на граѓанството на народен јазик, беседи за спас на татковината.

Според Тодор Димитровски, од словата може да се види каков извонреден познавач на македонскиот јазик бил Прличев, особено во говорништвото. Бидејќи во тоа време немало утврдена македонска азбука, Прличев, со согласност на првенците од „народниот подвиг“, заминува за Цариград за да се поучи „на словенски“. По петмесечен престој се  враќа во Охрид и набргу потоа почнува засиленото воведување на народниот јазик во црквите и училиштата.

Бидејќи ваквиот подвиг бил насочен против интересите на великогрцизмот, против Цариградската патријаршија, акцијата ја пресекуваат фанариотите. Владиката Мелетија го наклеветува Прличев пред турската власт, и таа веднаш го затвора. Прличев поминува извесно време во дебарската зандана, а потоа, во април 1869 година, значи три години по неговата позната беседа за татковината, за тоа како треба да се сака татковината, како морален победниик се враќа во Охрид. Фанариотите претрпуваат пораз, владиката Мелетија е изгонет, а семето посеано од Прличев и другите учесници во „народниот подвиг“, во граѓанското движење за одбрана на татковината, дава плод, тогашната „шарена колона“ е победена и засекогаш отстранета од црквите и училиштата.

Водач ме праќа татковината!“

Во 1867 година, значи една година по беседата за тоа дека „колку и да бидит чоек нечесен“, татковината пак треба да му биде „најмила на векот“, Прличев држи слово за свети Климент, во кое, откако ги изнесува заслугите на  светителот се осврнува на моменталната положва во Охрид, укажувајќи дека во времето на свети Климент се учело на свој мајчин  јазик, а потоа Грците ги изгореле светите климентови книги и со сила го натуриле грчкиот јазик: „Но, ете, се разбудивме, го испадивме туѓиот јазик и им заповедавме на своите деца да си учат на мајчин јазик“. Според д-р Михајло Георгиевски, словото ја искажува радоста на Прличев за тоа што одново, со најголема почит, се празнува и слави свети Климент:

„Ох, колку сум радосен оти ката година со срце го празнуваме свети Климента“. Во заоставнината на поетот пронајдени се две варијанти на беседи за свети Климент, што би можело да значи дека Прличев секоја година за празникот пишувал и држел прикладни слова и беседи за свети Климент. Едното слово денес се чува во Архивот на Македонија, а другото во архивот на МАНУ.

Во таа 1867 година Прличев држел слово и за „Русална среда“, и повторно жестоко се спротивставил на употребата на грчкиот јазик во македонските училишта, кревајќи го својот глас за воведување на народниот, македонски јазик во црковната служба и  училиштата:

„Сите народи си учат на свој јазик, а само ние учиме јазик чужди и најм’чен. Децата пеат на училиште и не разбирает, затова учеет без севда и слепи останвеет“.

Понатаму во словото се вели:

„Не е ли срам голем за нас, сите братја наши да бидеет разбудени, а ние сами да спијаме! Свите пиеет од водата Христова, а ние жедвиме! Не е ли слепотија голема да ги слушате децата ваши да ви пејат грцки, та ни тие да  разбервет, та ние вие да разбервите! Како ке даите одговор пред Господа вие шчо си ослепивте сами чедата ваши со јазик чужди, мртов и најм’чен! Шчо не само вие не пијате од водата Христова, туку и чедата ваши не ги напивате! Ели вака ке добијаме чест и пред љуѓе и пред Господа? Ели вака ке го употребваме духот и умот и разумот шчо ни ги дарва Господ за да имаме разлика од  говедата!“

Според д-р Михајло Георгиевски, во заоставнината на Григор Прличев, од која еден дел се чува во Архивот на Македонија, а кој порано се чувала кај неговиот син Кирил Прличев во Софија, денес се зачувани девет слова и беседи од кои три се објавени од Кирил Прличев, а шест досега не се објавени.

Меѓу необјавените се и Словото за младите и Словото за среброљубието. Во вториот фонд на Прличев што се чува во Архивот на МАНУ, зачуван своевремено во Охрид од неговата ќерка Деспина, се наоѓаат 17 слова и беседи, расчитани од  Блаже Конески и Михаил Петрушевски. Меѓу словата што досега не се објавени се Словото за решавање на  црковното прашање, Словото за македонските епархии, Словото за доброто и за спасот на душата, заедно три надгробни слова, Словото за четириесетдневниот помен на Наум Налчинов и други.

Во словото одржано  при погребот на  Катерина Сарафова, учителка во Солунската гимназија, Прилчев меѓудругото вели:

„Животот е мачен. Да. Животот е тежок и одвратен, но животот е  убав и мил кога човекот се труди да направи се добро што може да направи. Трудете се сите да и послужите на својата татковината.“

Во тоа време, додека трае „народниот подвиг“ за спас на народот, а во беседата се вели „не е ли срам голем за нас, сите братја наши да  бидеет разбудени а ние сами да спијаме“, Григор Прличев, чиј релјеф на Порта Македонија со жестока боја од омраза го уништија „музевирите“, напишал песна која се пеела во Охрид:

„Водач ме праќа татковната, лелекањата на Македонија ги пренесувам, со нас се Бог и правдата; оган ќе згазиме, чкрапји ќе изгориме, докрај борејќи се, во прав ќе ги претвориме душманите, земјата ќе  си ја спасиме, зашто бог е со нас!“

Песната „Водач ме праќа татковината“ е напишана пред 150 години, и не се однесува на денешните чкрапји и душмани. Сепак, сега повторно е некое време на огнови, лелекања и чкрапји, време кога од еден даден збор се прават сто збора за изговор, за негирање, за бегање од зборот а „сетне и вистина да велиш никој не ке те вервит“ на зборот, „зашчо колај е от еден збор да извајт чоек многу зборој, ама  многуте зборој да и соберит во еден збор тоа је мачно, тоа је божевна умшчина…“

Толку за Прличев, и за татковината.

И за чесните луѓе што си ја сакаат „таткојната појке од татка и мајка, и појке  от себеси“.