Во текот на следната недела ќе биде објавен конкурс за вработување на нови 800 административци, од кои 640 се резервирани за Албанци, а другите 160 работни места се за други етнички заедници, објавува онлајн изданието на весникот Лајм, повикувајќи се на извори од ДУИ.

– Сега ни е полесно. Првиот вицепремиер е од редовите на ДУИ, Артан Груби, министерот за финансии е наш, Фатмир Бесими. Ќе има повеќе вакви конкурси за постигнување соодветната застапеност, најавуваат од ДУИ, објавувајќи ги овие долгоочекувани информации од јавноста, особено од младите кои штотуку дипломирале, изјавил изворот од ДУИ за Лајм.

Од Министерство за информатичко општество и администрација се подготвуваат и мерки со кои ќе се избегне можност лица кои се од една етничка заедница да се претставуваат како членови на друга заедница, само за да бидат вработени.

Се подготвува работна група која ќе направи измени и дополнувања на Законот за државните службеници, кои според динамиката на работа се очекува да бидат готови до крајот на декември.