Постигнатиот договор меѓу Владата и раководството на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) за зголемување на платите од 12 проценти, не доби поддршка од членовите на СОНК, поради што и денеска продолжува штрајкот во основните и средните училишта, а, според најавите, ќе трае се додека не се најде прифатливо решение за двете страни.
Од друга страна, СОНК одлучи градинките да продолжат со редовно работење.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделковски, вчера откако објави дека членството не го прифатило предлогот за зголемување на платите од 12 проценти, изјави дека Синдикатот во знак на незадоволство од резултатите на преговорите одлучил да организира голем масовен протест пред Владата в среда на 4 мај 2022 година.
– Нашето членство во текот на денешниот ден се изјаснуваше во однос на предлозите. Од вкупно 480 синдикални организации кои што дадоа податоци за нивното изјаснување, 388 беа за продолжување на штрајкот од утре, а само 83 беа за прекинување на штрајкот. Најголемиот дел од овие што се изјаснија за прекинување на штрајкот, се синдикалните организации од детската заштита, а без исклучок, огромниот број кои беа за продолжување на штрајкот се колегите кои се вработени во основното и средното образование. Советот на СОНК, со оглед на сумираните резултати, донесе одлука дека штрајкот во основното и средното образование продолжува и во текот на утрешниот ден се до наоѓање на заедничко прифатливо решение помеѓу Синдикатот и Владата, нагласи вчера Неделков.
Тој додаде дека Советот на СОНК, врз основа на изјаснувањето на синдикалните организации од детските градинки донел одлука во градинките штрајкот да се стави во мирување.
Имено, откако СОНК објави дека постигнал договор со Владата, вчера членовите на Синдикатот се собраа пред неговото седиште да протестираат. По искажаното незадоволство, Неделков ги оквалификува како шпекулации информациите дека е потпишан договор со Владата и дека било поткупено раководството на Синдикатот.
– Едно е јасно. Вчера бевме во Влада и во изјава за медиумите кажавме дека разговаравме и дека останува на членството да се произнесе по предлозите. Од таа причина, се уште се држат состаноци и се сондира мислењето на членството. И Синдикатот со 50 плус еден глас ќе одлучи за прифаќање или одбивање на понудата. И од таа причина бидете сигурни дека без никаква манипулација, ќе бидат јавни и транспарентни одлуките на членството, изјави вчера Неделков пред насобраните членови на Синдикатот.
Штрајкот во основното и средното образование и детските градинки почна на 11 април. СОНК веќе втор пат одбива владин предлог за зголемување на платите, бидејќи се уште не го постигнале тоа што го бараат. Владата првично предложи зголемување на платите од 10 проценти, а потоа на 12 отсто, но СОНК бара покачување од 18,4 проценти и усогласување на останатите плати со минималната плата и ќе го продолжи штрајкот се додека не се најде компромисно решение за двете страни.
По одлуката на СОНК, да продолжи штрајкот, реагираше министерот за образование и наука Јетон Шаќир, кој нагласи дека зборот на СОНК не издржал ниту едно деноноќие.
Тој, на неговиот Фејсбук профил посочи дека променетата одлука на синдикалното раководство е на штета на нашите млади, учениците од основните и средните училишта.
– Министерството за образование и наука цени дека премногу настава е изгубена досега и тоа мора да престане. Доволно голем е јазот во знаењето кој го создаде овој штрајк со целосно блокирање на работата на училиштата и тој повеќе не смее да се продлабочува, потенцираше Шаќири.
Тој ги повика директорите на училиштата, како одговорни за организирањето на работата на овие образовни установи, од денеска да ги отворат вратите на училиштата и да продолжат да организираат настава согласно законите за основно и средно образование. Исто така ги повика и родителите/старателите на учениците од утре да продолжат да ги пуштаат/носат своите деца на училиште. Тие, како што додаде, се најмалку виновни што губат настава поради несериозноста на една организација, но можат многу да помогнат во нормализирањето на состојбите.
– Да го завршиме ова лошо поглавје од тековната учебна година и да им овозможиме иднина на децата. Многумина од нив ги чекаат уписи во средни училишта или факултети. Многумина одлучиле да се вработат по завршување на средното образование, но неизвесно е доделувањето на дипломите во предвидениот рок. Да не ги уништуваме нивните планови и очекувања. Сите имаме одговорност, заклучи министерот за образование и наука.
Европската Конфедерација на синдикати изрази поддршка за битката за подобри работни услови за просветните работници во Северна Македонија
Европската конфедерација од самиот почеток го поддржува штрајкот на наставниот кадар во Северна Македонија. Оттаму сметаат дека штрајкот е последната опција кога ќе пропаднат преговорите, изјави директорката за Европа на Конфедерација, Сузан Флокен, на почетокот на штрајкот.
Во куса изјава вчера, Џулиан Скола, задолжен за односи со медиумите во Конфедерацијата, за МИА рече дека Европската конфедерација на синдикати го поддржува ставот на СОНК, кој изрази „загриженост за преговорите“ со Владата во барањата за повисоки плати, со оглед на тоа дека „овие плати се пониски од националната просечна плата“.
Генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати, Бернадет Сегол, идната недела ќе се обрати преку видео порака на Конгресот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).
– Целосно го поддржуваме вашето барање за преговори со Владата за повисоки плати и подобри услови за работи за наставниците во Северна Македонија, е пораката што ќе ја испрати Сегол до македонските синдикати на петти мај, рекоа за МИА од Европската Конфедерација.