Илјадници пожарникари и денеска се борат со шумскиот пожар кој брзо се шири во северна Калифорнија.
Пожарот е повеќе од двојно зголемен за 24 часа и досега изгоре повеќе од 141.640 хектари северно од главниот град на Калифорнија, Сакраменто, соопшти локалната служба за заштита од пожари.
Во регионот се очекуваат пониски температури, што може да помогне во напорите за забавување на ширењето на пожарот. До утрото пожарот беше локализиран само на десет отсто од погодената област.
Пожарот уништи 134 објекти, соопштија локалните власти.
Издадени се наредби за евакуација за повеќе заедници во неколку окрузи, како и предупредување за градот Передајз кој во 2018 година беше уништен од најлошите шумски пожари во историјата на Калифорнија.
Американскиот претседател Џозеф Бајден е информиран за обемот на пожарот и му наредил на својот тим да направи се што е можно за да помогне во гаснењето на пожарот, изјави претставник на Белата куќа.
Еден маж беше уапсен во четвртокот под сомнение дека предизвикал пожар со туркање на запален автомобил во канал еден ден претходно.
Последниот шумски пожар во Калифорнија е најголемиот досега од десетината што се активни во САД.
Неколку шумски пожари горат во Орегон, а еден пожарникар загина откако едномоторен противпожарен авион се урна во југоисточниот дел на државата, соопшти Шумарската служба на САД.
Фото: ЕПА