Во изминатото деноноќие на територија на цела држава имавме 30 активни пожари на отворено и шумски пожари. Од нив 20 се целосно изгаснати, а 10 се активни и веќе дел од нив се ставаат под контрола, изјави денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.
Тој информира дека рано утрово со полициски хеликоптер почнало гаснењето на пожарот, кој вчера доцна попладне изби во општина Старо Нагоричане, во атарот на село Челопек. Појасни дека во близина нема вода, прииродно или вештачко езеро, и затоа од волонтери на Црвениот крст е наместен еден базен од кој хеликоптерот полни вода и го го гасне пожарот. Базенот е наместен во координација со Главниот штаб за управување со кризи. Овој пожар, како што истакна, би рекол дека е ставен под целосна контрола.
– Два активни пожари има на планината Серта. Првиот е од воениот полигон Криволак во насока на реката Брегалница, а вториот се наоѓа над селото Пухче во насока на селото Селце, за кој можам да кажам дека имаме делумна контрола и не ги загрозува двете села, изјави Ангелов.
Активен пожар има и на територија на општина Пласница, во месноста „Стромол“, каде гори мешана шума со слаб интензитет. Веќе неколку дена два активни пожари има и во општина Чашка, кај селата Габровник и Мокрени, каде гори мешана шума и ниска вегетација и во месноста викана Мукос, каде е зафатена ниска вегетација. На оваа локација, како што рече, има само чадење, но од високите температури се разгорува.
Два пожара има и на територија на општина Долнени, од кои едниот е во близина на село Небрегово каде гори нискостеблеста шума, растенија, трња, трева…
– Последниот пожар, кој постојано го гаснеме и поворно се пали е на територија на општина Ново Село, кај село Бадилен, во близина на границата со Бугарија. Денеска на сите овие пожари ќе дејствуваме со нашите летала, двата полициски хеликоптери, два армиски хеликоптери, двата ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и со еден црногорски хеликоптер, кој се уште е во Македонија и помага во гаснењето на пожарите, потенцира Ангелов.
Директорот на ЦУК информира дека дека имаме доволен број пожарникари, кои се вклучени во гаснењето на пожарите. На терен се и припадници на Армијата, полицијата и на ДЗС. Вклучени се и дел од вработените на „Национални шуми“. Нагласи дека имаме ресурси и делумна контрола врз пожарите и оти ниту едно населено место не е загрозено. Апелираше до сопствениците на индустриски и на приватни објекти да направат „мек појас“ околку нив за да ги заштитат од пожарите.
Фото: МИА архива и Принтскрин
Видео: ЦУК